Комитетот за човекови права на ОН утврди дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување со тоа што одби регистрација на организација за права на етничките Македонци

Комитетот за човекови права на ОН заклучи дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права, кога домашните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без да обезбедат валидно правно оправдување.

Како што информира, Комитетот разгледувал индивидуална жалба поднесена согласно Првиот факултативен протокол, од историчар по професија, кој е член или коосновач на разни непрофитни организации на етнички Македонци и тврди дека ниту една од овие организации не е регистрирана во Бугарија како резултат на политика со која се негира признавањето на македонскиот етнички идентитет.

Во конкретниот случај, подносителот на жалбата поднел барање до властите за регистрација на невладина организација, Комитет за заштита на човековите права „Толеранција“, врз основа на Законот за непрофитни правни лица (НПЛЕА). И покрај тоа што ги доставил сите релевантни документи и дополнителни побарани информации за активностите на здружението, тој добил необразложена одлука со која се одбива регистрацијата само со наведување на неколку одредби од Законот. Оваа негативна одлука била дополнително потврдена од Апелациониот суд без конкретно образложение.

Подносителот на жалбата случајот го поднел пред Комитетот за човекови права на ОН, тврдејќи дека неговото право на слобода на здружување е повредено бидејќи домашните судски органи не успеале да обезбедат јасно, детално и сеопфатно образложение за одбивањето на регистрацијата на здружението што го претставувал.

Според Ивон Дондерс, членка на Комитетот „целосното остварување на правото на слобода на здружување во поволна средина е камен-темелник на демократското општество“.

-Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и коегзистенција на различни етнички групи мора да биде заштитено, дури и ако нивните ставови не ги делат властите или мнозинството од населението. Овој израз на плурализам, различност и толеранција ја води тековната работа на Комитетот поврзана со неговиот нацрт-општ коментар бр. 38 за правото на слобода на здружување – изјави Дондерс.

Комитетот заклучува дека судските одлуки не биле јасни и биле претерано формалистички, истакнувајќи дека домашните органи не ги разгледале дополнителните информации што ги доставил подносителот на жалбата во поддршка на неговото барање во врска со активностите на непрофитното здружение за човекови права, ниту пак објасниле кои одредби од Законот биле прекршени. Затоа, Комитетот заклучил дека државата-страна (Бугарија) не го оправдала одбивањето за регистрација на здружението ниту покажала дека одбивањето било неопходно и пропорционално.

-Овој случај, исто така, ја илустрира клучната улога што ја игра судството во овозможувањето на остварувањето на правото на слобода на здружување. Заштитата на владеењето на правото е неразделна за едно демократско општество, а правата од Пактот би биле теоретски без робусни судски гаранции и пристап до ефикасни правни лекови – рече Дондерс.

Комитетот за човекови права ја повикува Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива регистрацијата и да му обезбеди на подносителот на жалбата соодветна отштета, вклучително и надомест на таксите и другите правни трошоци што произлегуваат од прекршокот. Исто така, бара од Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена, детално наведувајќи ги мерките што ги презела за да ја поправи ситуацијата.

Back to top button
Close