Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе гласа за извештајот за Македонија
Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на денешната седница треба да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за 2023 и 2024 година за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
Во документот се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
– Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ, се потенцира во Предлог-извештајот на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава.
Во документот, меѓу останатото, се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и се повикува на интензивирање на напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.
На основниот предложен текст на Извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои повеќето дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои се вметнуваат нови содржини или оценки.
Посебно внимание предизвикаа амандманите се кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет. Така, самиот Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер предлагаат амандмани за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина: „Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
На овој документ вчера реагираа бугарските европратеници, кои го обвинија известувачот Томас Вајц за координација со Скопјe за да се изготви едностран извештај, за прикривање на критични состаноци, за протекување на доверливи нацрти, за маргинализирање на спротивставените гласови и за неисполнување на својата должност како неутрален известувач.