Концерт на руската пијанистка Наталија Трул на „Охридско лето“

– Фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува со интересна содржина од музичкиот дел. Сцената на катедралната црква „Света Софија“ вечер е резервирана за солистичкиот концерт на руската пијанистка Наталија Трул.

Пијанистката Трул започнува да учи пијано во родниот Санкт Петербург, а дипломира на Московскиот конзерваториум работејќи со педагозите Зак, Воскресенски и Кравченко. Нејзината интернационална кариера започнува со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983 година, но најголемиот успех доаѓа во 1986 кога го освојува сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“. Во 1993 година ја добива „Гран При“ наградата на натпреварот во Монте Карло на кој можат да учествуваат само победници на меѓународни натпревари.

Наталија Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет како Лондонскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Лос Анџелес, Јапонскиот Филхармониски оркестар, Оркестрите во Монте Карло, Дизелдорф, како и со сите големи руски оркестри под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти.

Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар, но секако приматот го има Концертот број 1 од П. И. Чајковски што го има изведено повеќе од сто пати во престижни концертни сали низ светот. Како педагог, Наталија Трул често одржува мајсторски курсеви во САД, Јапонија, Италија, Германија и во Јужна Америка. Редовен професор е на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано. Има снимено неколку ЦД-а од кои едното ги содржи сите сонати за пијано на С. Прокофјев, а другите се со музика за соло пијано од Чајковски, Шопен и Шуберт.

На програмата на вечерашниот концерт се избрани дела на Бетовен, Шопен и Дебиси.

Концертот почнува во стандардниот фестивалски термин од 21 часот. аб/лв/

Back to top button
Close