„Концертот требало да биде спречен!“ – родителите на жртвите од „Пулс“ со жестока реакција

„Што требало да направи полицијата таа вечер?“ – со ова прашање родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани реагираа по рочиштето во Кривичниот суд, барајќи одговорност за непреземањето навремени мерки со кои, според нив, можела да се спречи трагедијата во која загинаа 63 лица, а 218 беа повредени.

Родителите посочуваат дека дискотеката немала законска документација за работа и за одржување концерт, поради што сметаат дека настанот требало да биде спречен уште пред да започне.

„Дискотеката ‘Пулс’ немала законска документација за работа и одржување концерт. Концертот требало да биде спречен пред да започне, а опасностите навреме отстранети“, наведуваат родителите во својата реакција.

Тие упатија директно прашање до одбраната на обвинетите, барајќи објаснување како ќе ја оспорат одговорноста за непреземањето мерки пред трагедијата.

„Ние, родителите на загинатите деца, прашуваме: Како ќе докажете дека вашите клиенти не се одговорни за непреземањето навремени мерки, кога последиците се 63 загинати и 218 повредени?“, прашуваат родителите.

Во реакцијата нагласуваат дека не бараат однапред утврдување вина, туку судска постапка во која фактите и одговорноста ќе бидат утврдени врз основа на доказите.

„Не бараме вина без судење, туку вистината и одговорноста да се утврдат врз основа на доказите. Бараме одбраната да не ја замајува јавноста со небитни прашања и да не ја одолговлекува постапката, туку судењето да се одвива ефикасно и да води кон утврдување на одговорноста“, порачуваат тие.

Родителите инсистираат дека при утврдувањето на одговорноста не смее да има исклучоци поради службена положба или функција.

„Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста“, се наведува на крајот од нивната реакција, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close