Конкурентност на пазарот на гас, се заокружуваат подзаконските акти

Проблемот со „Макпетрол” е надминат и компанијата ќе си доставува понуди во текот на следните денови до сите потрошувачи, информираше вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, по состанокот на кој бил постигнат договор процесот на либерализација на пазарот на гас да почне како што е предвидено.

Претходно од „Макпетрол” најавија дека нема да увезуваат гас, поради, како што оценија, избрзаната одлука за промена на правилата на пазарот. Во меѓувреме „ЕСМ продажба” објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток”, „Запад”, „Енергетика” и „Скопје Север”, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата, пред се поголемите производствени и услужни капацитети.

Како што истакна Бислимовски, гас ќе има, а конкурентоста ќе биде обезбедена од 1 јануари идната година од кога ќе важат новите правила на пазарот. Потрошувачите, појасни тој, треба да знаат дека „Макпетрол” нема да функционира како досега, туку ќе им доставува номинации и доколку отстапуваат, односно земат повеќе, за тоа ќе си платат дополнително, но не на „Макпетрол”, туку на преносниот систем оператор ГА-МА.

– „Макпетрол” се согласи со овој пристап, бидејќи на некој начин одредени ризици што беа кај снабдувачите се тргнати со вклучувањето на ГА-МА. Значи, ризиците кои што беа на снабдувачите, да не се соочат со проблеми со ликвидност доколку не плаќаат одредени потрошувачи, ќе ги преземе државата преку ГА-МА, но верувам дека тоа ќе бидат мали отстапувања и оти на тој начин ќе го решиме проблемот, рече претседателот на РКЕ во телевизиско гостување.

На состанокот со државните компании НЕР и ГА-МА, како и трговците, снабдувачите и потрошувачите се усогласиле дека процесот како што е предвиден ќе почне. Но, појасни Бислимоски, за да се тргнат одредени ризици кои би се јавиле кај новите снабдувачи со природен гас, овозможено е поактивна улога да земе и ГА-МА или новата компанија што ќе се формира наредната недела и да преземат обврска да им помогнат на потрошувачите да доставуваат номинации, како и при одредени технички работи.

– Со тоа овозможивме трговците и снабдувачите заедно да работат со потрошувачите во јануари со цел да се релаксира ситуацијата, изјави Бислимоски.

Тој вели дека сите учесници на пазарот биле повикани цело време да го следат текот на подготовката на новите подзаконски акти и биле информирани дека од 1 јануари тие ќе стапат во сила и треба да учествуваат според новите правила.

– Државата го има договорот со „Газпром” и апсолутно си го почитува до крај. Овој дополнителен капацитет од 500 илјади нормални кубни метри за којшто „Булгартрансгаз” и ГА-МА помогнаа да се зголеми, ќе биде предмет на аукција и за тој капацитет ќе може да се јават, а и веќе се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас коишто го закупиле. Тие штом го закупиле сигурно дале пари за тоа се и заинтересирани да влезат и на нашиот пазар за природен гас. Значи, тие 800 илјади нормални кубни метри остануваат во функција и „Газпром” преку компанијата „Макпетрол” може да ги стави на располагање на македонските потрошувачи, изјави Бислимоски.

И премиерот Димитар Ковачевски вчера увери дека парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари, порачувајќи дека либерализацијата на пазарот е неопходна.

– Системот мора да функционира, а во енергетиката функционира затоа што согласно Законот секој кој користи гас има обврска да има и алтернативно гориво, токму поради вакви ситуации, изјави Ковачевски и порача дека во енергетска криза сите мора да се однесуваат одговорно со пристап кон работата кој не вклучува уцени.

По евентуалната имплементација на забелешките на подзаконските акти за снабдување со природен гас од вчерашната расправа, РКЕ во текот на следната недела на седница треба да ги одобри новите правила кои ќе стапат во сила од 1 јануари.

Нивната изработка е почната уште од септември годинава и со тоа, според РКЕ, навреме биле запознаени сите засегнати страни, особено од октомври кога беше потпишан договорот меѓу ГА-МА и „Булгартрансгаз” за зголемување на капацитетот на гасоводот за нови 500.000 нормални кубни метри на досегашните 800.000 нормални кубни метри, кои до 2030 година целосно ги имаше закупено руски „Газпром”. На бугарска страна веќе се пријавиле две компании заинтересирани за дистрибуција на гас во земјава

Back to top button
Close