Кос: Црна Гора е најнапредна меѓу земјите кандидати во пристапните преговори со ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Брисел оцени дека е „супервторник“ за проширувањето на Европската Унија бидејќи првпат по повеќе од 20 години на ист ден се одржуваат пристапни конференции со четири земји кандидати – Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија.

Од изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дадена во Брисел / Фото: Принтскрин

Таа во објава на Икс напиша дека овие земји предводнички прават значителен напредок на европскиот пат и ја посочи ја Црна Гора како најнапредна во пристапните преговори.

„Нашите лидери – Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора прават големи чекори напред. Црна Гора е на чело на таа колона, како најнапредна земја во пристапните преговори“,вели таа.

Според неа, Украина и Молдавија денеска го отвораат Кластерот 6, кој ги опфаќа областите одбрана и безбедност, каде што аргументите за нивното членство во ЕУ се особено силни, додека Албанија ги затвора своите први преговарачки поглавја.

За Црна Гора рече дека е цврсто во последната фаза од формалните пристапни преговори затворајќи 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја.

„Сегашниот моментум мора да се преточи во конкретни резултати на терен“, рече таа потсетувајќи дека напредокот ќе зависи од исполнувањето на условите за членство.

Во Брисел денеска се одржува меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Црна Гора, на која земјата ќе ги затвори поглавјето 8, кое се однесува на конкуренција и поглавјето 29 за царинската унија. Со тоа, бројот на затворени поглавја ќе достигне 18 од вкупно 33.

Делегацијата на Црна Гора ја предводи премиерот Милојко Спајиќ, а по конференцијата заедничка прес-конференција имаа Спајиќ, еврокомесарката Кос и ирскиот министер за европски прашања Томас Берн, кој изјави дека постои уверување оти пристапните преговори на Црна Гора со Европската Унија би можеле да бидат завршени до крајот на годинава.

 

Во видеообраќање објавено на Икс, во пресрет на меѓувладината конференција во Брисел, Берн потсети дека Ирска од почетокот на јули претседава со Советот на ЕУ и изрази очекување дека Црна Гора ќе продолжи со успешниот напредок во преговарачкиот процес.

„Под ирското претседателство со Советот на ЕУ, денеска ќе претседавам со најголемиот број пристапни конференции одржани во еден ден од 2002 година. Ова е важен момент за Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора, кои продолжуваат да напредуваат на својот пат кон членство во Европската Унија“,порача тој.

Back to top button
Close