Кошта: Бугарија може да има клучна и стратешка улога во зајакнувањето на енергетската безбедност на ЕУ

Бугарија може да има клучна и стратешка улога во зајакнувањето на енергетската безбедност на Европската Унија (ЕУ), изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес конференција со бугарскиот премиер Румен Радев во Софија, јави БТА.

– За да изградиме поотпорна, конкурентна и безбедна Европа, потребни ни се достапни цени на енергијата. Мораме да ја забрзаме работата на намалување на трошоците за енергија преку зајакнување на пазарната интеграција и поврзаноста меѓу земјите на ЕУ. Тоа ќе помогне во зајакнувањето на нашата енергетска безбедност. Бугарија може да има клучна и стратешка улога во тоа – рече Кошта, кој престојува во посета на Софија на покана на бугарскиот премиер.

Тој додаде дека безбедноста на Европа е директно поврзана и со нејзиното проширување.

– Украина, Молдавија и Западен Балкан припаѓаат во нашата Унија, при што секоја од нив треба да напредува врз основа на сопствените заслуги и со примена на принципот на еднаков третман. Тоа е најважната геополитичка инвестиција што Европската Унија може и мора да ја направи – изјави Кошта.

Според него, земјите кандидати треба да ги спроведат неопходните реформи и да ги почитуваат претходно преземените обврски.

– Истовремено, важно е и ние да ја исполниме нашата улога, преку конструктивен дијалог со нив и признавање на постигнатиот напредок кога тој постои. Мораме заеднички да продолжиме да работиме на прашањето за Украина и на нашата решеност да ја поддржуваме додека таа се брани и се стреми кон праведен и одржлив мир. Време е Русија да ја запре оваа војна, а не да ја ескалира – рече претседателот на Европскиот совет.

Тој посочи дека непријателското однесување на Русија ги надминува границите на Украина и се гледа и на територијата на ЕУ преку дронови на границите, кибернапади, нарушување на функционирањето на критичната инфраструктура и обиди за поткопување на демократијата.

– Руските закани и обиди за заплашување нема да ја намалат нашата решеност да ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно, додека не биде постигнат праведен и траен мир. Европа нема да отстапи. Напротив, ќе го засилуваме притисокот врз Русија сè додека таа не ги запре убиствата и не покаже вистинска посветеност кон мирот – изјави Кошта, повикувајќи на започнување вистински мировни преговори.

Претседателот на Европскиот совет истакна и дека оваа година е значајна за Бугарија, но и решавачка за целата Унија поради донесувањето на долгорочниот буџет за периодот 2028-2034 година.

– До крајот на годината треба да го одобриме долгорочниот буџет на Унијата. Тоа е од фундаментално значење за да обезбедиме во 2028 година инвестициите да продолжат да стигнуваат до оние што го градат просперитетот на Европа – објасни тој, додавајќи дека тоа е главната тема на неговите разговори со сите европски лидери.

Според Кошта, потребен е буџет што ги обезбедува неопходните средства за исполнување на заедничките приоритети во области како што се одбраната, безбедноста, конкурентноста, иновациите и стратешката отпорност, но истовремено ги поддржува земјоделската и кохезионата политика како основни столбови за развојот на секој европски регион.

„Новата реалност бара нов пристап кон буџетот, со нова структура и нов начин на распределба на ресурсите. Токму затоа договарањето нови извори на приходи, односно нови сопствени ресурси на Европската Унија, е толку важно“, заклучи Кошта.

Back to top button
Close