Косовска опозиција: Државата не била во полоши односи со сојузниците од осамостојувањето

Трите албански опозициски партии во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) ја нарекоа владата на премиерот Албин Курти најлоша во историјата на државата, јавуваат медиумите во Приштина.

Според опозицијата, извршната власт во овие три и пол години се карактеризира со расипување на односите со сојузниците, лоши одлуки, неуставност и популизам.

По денешната седница на Претседателството на Собранието, шефовите на трите опозициски парламентарни партии порачаа дека на есенската сесија на законодавниот дом ќе се заложат пред граѓаните да ги разоткријат неуспесите на власта предводена од премиерот Албин Курти.

Шефот на пратеничката група на ПДК, Абељард Тахири, рече дека однесувањето на владата во овој период не е коректно и дека неговата партија активно ќе се ангажира да и даде нова влада на земјата по парламентарните избори на 9 февруари идната година.

„Од прогласувањето на независноста, Република Косово никогаш не била во понеповолна положба со нашите меѓународни партнери. Однесувањето на владата е погрешно, недостојно, некотректно во однос на нашите национални интереси како држава, но и нашата соработката со сојузниците во овој период не беше коректно“, рече Тахири, посочувајќи дека државата е изолирана и блокирана.

Арбен Гаши, шеф на пратениците на ЛДК, рече дека владата на чие чело е Курти може да се смета за најслабата во историјата на Косово.

„Овој законодавен дом со оваа влада може да се смета за најслабото владеење во историјата на Косово, во однос на одлучувањето, во однос на институционалната застапеност на Косово. Се карактеризира со тенденција да се заробат институциите, да се оневозможи одлучувањето на собранието во однос на собранискиот надзор. Како резултат на доминацијата на (партијата на Курти) Движењето самоопределување (ВВ), сите столбови на Собранието се онеспособени во нивните функции. За жал, четирите години од минатата влада се најпромашени за Косово“, рече Гаши.

Шефот на пратеничката група на ААК, Бесник Тахири исто така оцени дека Косово никогаш не било послабо од сега од прогласувањето на независноста.

„ААК ќе се обиде да реши 3 прашања кои се многу важни за нас. Ќе продолжиме да го туркаме концептот на законот за плати. Ќе го истуркаме донесувањето на законот за здравствено осигурување. Третото прашање е зајакнувањето на економијата на Косово. Косово никогаш не било послабо од прогласувањето на независноста“, рече Тахири пред медиумите по состанокот на Претседателството на Собранието.

На денешната седница на собраниското Претседателство беше одлучено в четврток да се одржи пленарна седница со која ќе се отвори есенската сесија. иа/

Back to top button
Close