Костадинов очекува од петок Струмица повторно да има чиста вода за пиење

Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов очекува инспекторатот од Агенцијата за храна и ветеринарство во петок да издаде решение дека водата во Општина Струмица и во неколку населени места може да се користи како пивка вода.

Тој вели дека се направени две или три последователни анализи на пивката вода која беше забранета за пиење по пријава на јавното претпријатие „Комуналец“.

Оптимизмот Костадинов вели дека го темели на експертизата што ја работат вработените во „Комуналец“, односно во филтер-станицата.

„Тоа се луѓе на коишто сум им бескрајно благодарен и кои успеваат и таа вода од брана ’Турија’, за која уште немаме анализи за да знаеме што всушност ’Водостопанство’ ни има продавано нам како жители на Општина Струмица, па и на Општина Василево, успеваат да ја преработат до степен на пивка вода. Денеска лабораторијата на ’Комуналец’, која морам да потенцирам како одговорен градоначалник не е акредитирана, даде резултат 0,0017 грама на литар вода, што е апсолутно дозволиво за пиење“,истакна Костадинов, пренесува МИА.

Тој вели дека се вршат дополнителни мерења во секундарната водоводна мрежа за да се проверат вредностите од каде што се надева на добри резултати.

Исто така, тој вели дека се продолжува и хиперхлорирањето што се врши по Правилникот за безбедност на вода за пиење, но и по наредбата од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Костадинов повика и на продлабочување на соработката со АД „Водостопанство“, посебно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како надлежни институции за браната „Турија“.

„Не мора да ни се случи повторно криза за да направиме детална анализа на водата во браната ’Турија’ за да може да лоцираме од каде се појавува манганот, да видиме која категорија е водата во браната, да видиме дали има физичко оградување на единственото извориште за Општина Струмица и неколку населени места, да видиме дали имаме градби околу брана ’Турија’ коишто не смеат да бидат таму и што со тие градби“вели Костадинов.

Според него, треба да се види и дали има потреба Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ги презема потребните градежни зафати околу браната со цел да се превенира повторна појава на манган.

Тој го повика министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство наместо да излегува на прес конференции да се соочи со реалноста и да се повикаат експертите кои може да направат анализа која ќе ги лоцира можните проблеми во иднина со цел превенирање на такви појави и обезбедување на здрава вода за пиење за граѓаните.

Повеќе од две недели водата во Струмичко е неисправна за пиење поради зголемено присуство на минералот манган кој е витален за човечкиот организам, но во многу мали дози. Додека од локалната самоуправа посочија дека не се во можност да произведат вода затоа што им доаѓала во форма на кал, од другата страна велат тие не можат да влијаат врз однесувањето на природата, а власта не се грижи за својата „фабрика“.

Back to top button
Close