Ковачев: Скопје нема причина да се жали во ЕУ за случајот со Ива Михаилова

Бугарскиот европратеник од редовите на партијата ГЕРБ, Андреј Ковачев, синоќа во гостување во емисија на Бугарската национална телевизија (БНТ), изјави дека Скопје нема основа да поднесува поплаки до европските институции за случајот со Ива Михаилова, која и покрај судска забрана, замина од Македонија за Бугарија.

Ковачев вели дека за случајот веќе и лично ја информирал претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на состанокот на Европската народна партија.

„Токму сега, на состанокот на ЕПП што започнува во Италија, ја информирав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ситуацијата и сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија што е проблематично? Апсолутно ништо“, вели Ковачев.

Според бугарскиот европратеник, на случајот со Михаилова треба да се гледа како на хуманитарно прашање. Вели дека нејзината здравствена состојба бара итно внимание и дека таа има право на соодветна медицинска нега.

Изјавата на Ковачев следува откако претходно вчера македонското Министерство за надворешни работи најави дека за бегството на Михаилова од Македонија во Бугарија ќе ги информира Европската Унија и Советот на Европа, оценувајќи дека постапувањето на бугарските институции во врска со случајот ги подрива вложените напори за градење доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close