Ковачев: Трите најголеми партии во ЕП се согласија да се отстрани „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот за Северна Македонија. Мицковски сакаше триумфализам пред изборите

Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова – се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија кој треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, објави бугарската агенција БГНЕС.

Информацијата на Фејсбук ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д (социјалистите) и Обнова (либералите), синоќа се согласија да ги отстранат сите референци за ‘македонски идентитет’ и ‘македонски јазик’ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во ЕП следната недела на пленарна седница“,напиша Ковачев.

Според него, темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ.

„Ваквите теми водат само кон неединство и ја отвораат Пандорината кутија. Тоа во конкретниов случај се потврдува со постојаните изјави на владините функционери во Скопјe, а особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации за ‘многувековниот идентитет и јазик’. Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над ‘источниот сосед’ и со тоа да објаснат зошто би направиле некои козметички измени во својот устав и делумно би ги вклучиле Бугарите во него. И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција. Наместо тоа, РСМ треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историскиот комитет. Тоа е местото каде што треба да се дискутираат темите од нашата заедничка историја, како што е напишано во договорот“дециден е бугарскиот европратеник.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 24 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.

Михаил Галер од групата на демохристијаните рече дека имаат разбирање со групите Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, ист амандман да биде предложен на пленарната седница на Европскиот парламент каде што конечно треба да биде усвоен извештајот за Македонија. Сесијата на ЕП ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур.

Back to top button
Close