Ковачевски: Членството во НАТО го крена меѓународниот рејтинг на Северна Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Виена одржа предавање на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“на дипломатската академија (The Vienna School of International Studies), која е една од најстарите и најпрестижни професионални школи во светот.
Како што информираат од владата, осврнувајќи се на политиките што ги креира Владата, Ковачевски истакна дека нашата држава е носител на најпозитивните политички текови и процеси не само во Западен Балкан, туку и во Европа.
„Членството во НАТО го крена меѓународниот рејтинг на Северна Македонија како во политичка, така и во безбедносно економска и финансиска смисла. Влезот во Алијансата не беше само гаранција за мир и стабилност за Северна Македонија, туку и гарант за македонската економија, за граѓаните, за нашиот целокупен економски раст и развој”,истакна премиерот.
Членството на земјата во Алијансата ги зголеми странските директни инвестиции кои во услови на криза достигнаа рекорден историски износ од 753 милиони евра, што е највисоко ниво на странски дирекни инвестиции во земјата и двојно повеќе споредба со 2016 година, додаде Ковачевски.
„Со решавање на спорот со Република Грција и потпишување на Преспанскиот договор, остваривме една од двете стратешки цели на државата, станавме членка на НАТО. Со тоа успеваме да обезбедиме траен мир и го зацврстивме суверенитетот на државата. Владата предводена од СДСМ спроведува интеграциските политики, со што покажува силна политичка волја и искрена желба за конкретен напредок во евроинтеграциите“,изјави премиерот во Виена.