Ковачевски од ЕСМ: Планот за 2023 е за 20 отсто да го зголемиме производството на струја

Изминатата 2022 година, вели директорот на ЕСМ, се соочивме со две тешки кризи – едната со електричната енергија и едната со топлинска, меѓутоа оценува дека успешно било менаџирано и никој не останал без струја

Во 2023 година за 27 проценти е зголемено производството на струја во споредба со годината претходно, констатира генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најавувајќи дека планот за оваа година е да се зголеми производството за 20 отсто во споредба со лани.

Во новогодишното обраќање тој вели дека зад нас останува исклучително тешка година на енергетски план, а пред нас е уште една со нови предизвици.

Лани, наведува тој, ЕСМ беше соочена со менаџирање две кризи – со електрична енергија и со топлинска, меѓутоа оценува дека успешно била извршена мисијата и била обезбедена струја и топлина и за граѓаните и за институциите, како и за стопанството.

„Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зависноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси“,вели Ковачевски.

Понатаму тој потенцира и оти компанијата има стабилни договори за набавка на енергенси како и за сите други потреби за процесот на производство.

Покрај тековната криза, посочува Ковачевски, паралелно се реализираат и инвестициите во обновливи извори на енергија при што потсетува дека е ставена во функција првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, а се градат уште две со приватни партнери од странство. Во тек се подготовки за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.

„Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме“,вели Ковачевски.

Неговата порака за празниците во новогодишното обраќање е да се празнува одговорно и да се штеди електрична енергија

Back to top button
Close