Ковачевски во недела ќе бидe во Скопје, нема да оди во Благоевград

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе присуствува на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград в недела, 30 октомври, премиерот Димитар Ковачевски само накусо кажа дека на денот на отворањето на клубот ќе биде во Скопје.

„Вo недела јас ќе бидам во Скопје“ рече премиерот Ковачевски по промоцијата на нова инвестиција во ТИРЗ Скопје.

 

Ковачевски информира дека во Министерството за култура и во Владата веќе се подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград, а барањето, како што најави, ќе биде испратено до бугарската влада.

Ковачевски ги повика сите граѓани кои имаат можност, особено граѓаните од Благоевград и на пограничните места да присуствуваат на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград и им порача оти ваквите настани ги зближуваат граѓаните.

„Верувам дека отворањето на културни центри меѓу државите е начин на којшто се зближуваат како држави, како институции и како граѓани“ додаде Ковачевски.

Градоначалникот на Благоевград се премисли, клубот „Никола Вапцаров“ сепак ќе биде отворен

Премиерот посочи дека при отворањето на културните центри треба да се внимава на чувствата на граѓаните, мислејќи на инцидентите кои ги проследија отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Такви беа и нашите официјални реакции од Министерството за надворешни работи кои ги испратија во однос на одредени провокации што ги имаше од страна на една од нашите соседни држави каде што и јас лично бев напаѓан од луѓе кои јас лично не ги знам кои се, меѓутоа, исто така, кога ја видов и официјалната реакција на бугарските институции сепак и тие имаа осуда во однос на наративот што сакаат да го креираат одредени лица, што воопшто не одговара ниту на европската иднина на нашата држава, ниту на европската позиција на нивната држава, ниту на европската иднина на регионот“ заклучи Ковачевски.

 

 

Back to top button
Close