Ковачевски: За 100 дена донесовме тешки и принципиелни одлуки со кои ги штитиме граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски во неговото експозе на денешниот Форум „100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија” кажа дека притисокот и предизвиците се големи, но Владата има капацитет да одговори на истите.

Докажавме дека со добар менаџмент, одговорно управување, со парите на граѓаните и чесна работа, нагласи тој, може да се надминат и најтешките предизвици.

Премиерот Ковачевски се фокусираше на клучните мерки кои Владата ги презеде за ублажување на последиците од енергетската криза, како и на приоритетите и мерките кои се преземаат на среден и долг рок за економски развој на земјата.

Првиот приоритет, нагласи Ковачевски, се однесува на заштитата на животниот стандард на оние кои се најранливи и задржување на ликвидноста на компаниите. Вториот се однесува на одржлив економски раст, односно продолжување на програмите за раст на производството, на извозот, како и на стопанската активност во земјата.

Третиот приоритет се фокусира на зголемување на бруто инвестициите и тоа на инвестициите кои се доминантно од државниот Буџет, меѓутоа и на приватните инвестиции како генератор на економскиот раст на државата на среден рок.

– Оваа Влада останува посветена на клучните прашања за граѓаните, за економската сигурност и подобар животен стандард, рече премиерот Ковачевски и додаде дека ќе се работи на и понатаму на економскиот развој на земјата и на финансиската поддршка на семејствата.

Каректеристика на оваа Влада е ефикасно, чесно и одговорно владеење и работа, рече Ковачевски, а тоа се гледа, подвлече, и во стабилниот Буџет. И во услови на пандемија, а сега во услови на најголема енергетска криза нема застој во исплата на плати, пензии, а приватниот сектор и најпогодените гранки се финансиски поддржани. Паралелно, информира, креираме крупни, долгорочни планови од кои бенефит ќе имаат сегашните и идните генерации.

Back to top button
Close