Крајот на меѓународното право
Денко Малески
„Мене не ми треба меѓународно право“, изјави некни американскиот претседател Доналд Трмап. Која е тогаш границата на злоупотребата на американската сила, е новинарското прашање. „Мојата сопствена моралност“, е одговорот на Трамп. За македонските политичари ова е предупредување: нашиот најважен стратешки партнер, Америка, ни го зема од раце единствениот инструмент за некаква самоодбрана – меѓународното право.

Дебатата за односот помеѓу правото и политиката ја водам еве веќе три децении. Не затоа што не сум приврзеник светскиот правен поредок туку затоа што нормативните очила на носот на политичарите даваат искривена слика за светот на реалната политика, а тоа е пат кој може да доведе до пропаст на државата. Воведувајќи го, пред години, Тукидид и школата на модерниот реализам во домашната академска и политичка дебата, го заработив гласот на противник на меѓународното право. Всушност, обратното е вистина.
Само сакам да укажам дека не може да се води државна политика исклучиво врз основа на правото. Имено, меѓународното право е важен коректив на анархичната структура на меѓународното општество, во кое државите се водени од нивните интереси, поткрепени со нивната моќ . Во таа анархична структура во кој отсуствува светска влада, меѓународното право само ги затапува остриците на можните конфликти меѓу државите и, за разлика од домашното, кое е право на субординација, меѓународното право е право на координација.
Како поеддинец, на првото мора да му се потчиниш зашто ќе одиш во затвор, а на второто, како држава меѓународното право мора да го прифатиш. Ако, воопшто, има нешто добро во изјавата на Трамп за меѓународното право тоа дека го трга превезот на лицемерието на нормативниот свет и ја открива голата вистина за меѓународната политика. Имено, сега е јасно зошто второто, можеби посоодветно, име за меѓународната политика е Power politics (Политика на сила).
Она што се случува со светот денес може да се објасни само со меѓународната политика која ги гледа односите помеѓу државите низ призмата на анархичната структура на меѓународното општество, интересите и моќта на државите и низ поведението на нивните политичари. Во тек е прераспределба на моќта во структурата на меѓународниот систем. Светот со една доминантна голема сила, Америка, се трансформира во свет со три центри на моќ, Америка, Кина и Русија. И како во секоја прераспределба на нешто што е вредно но и ограничено, а тоа е територијата на планетата Земја, доминира грабањето. Затоа и на Трамп не само што не му треба туку и му пречи меѓународното право. Всушност, истисната од позицијата на еднинствен центар на светската моќ, Америка под водството на Трамп бесно удира лево и десно со својата воена моќ. Токму како што би очекувале да реагира загрозен поединец притиснат во ќош кој се обидува да спаси глава. И повторно, мислите ме водат кон „Пелопенската војна“ на Тукидид, пишував пред скоро 2,500 години.Читајте го внимателно и ќе видите дека овие зборови не се пишувани за моментот туку за сите времиња, токму како што запишал Тукидид во уводот на својата книга, најдобрата напишана во областа на меѓународната политика.
Тукидид пишува дека непроменливиот карактер на човековата природа ни овозможува да зборуваме за историски континуитет на политиката. Постојат три мотиви на човековото приватно и политичко дејствување. Тоа е борбата за безбедност, за слава и за профит. Со нивна помош можеме да го објасниме минатото и сегашноста, но и да ја предвидиме иднината. Безбедноста, славата и профитот се внатрешните сили кои го мотивираат човековото поведение. Но, бидејќи и другите единки го сакаат истото, патот за остварување на целите е преку натпревар за моќ. Моќта,пак, произведува доминација на посилните врз послабите, па така, првите го прават она што можат а вторите она што мораат. Војната, најекстремниот натпревар за моќ и доминација, е производ на натпреварот меѓу државите кои, всушност, претставуваат збир на човекови единки. Затоа државите се стремат кон оние работи кон кои се стремат и индивидуите: безбедност, слава и профит.
Надворешната политика на една земја е производ на судирот на бројните фракции, односно групи на поединци, кои, промовирајќи ги своите интереси, го толкуваат јавниот интерес. Причините за војната не може да се најдат само во агресивните инстинкти на човековата природа и во готовноста на политичките водачи, задоволувајќи ги своите интереси, да ги турнат народите во вооружен конфликт. И структурата на меѓународниот систем на држави игра важна улога, некогаш и пресудна. Имено, анархичната природа на меѓународниот поредок, која го инаогурира принципот на „самопомош“, како базичен принцип во однесувањето на државите, ги прави државите сомничави кон ратсечката моќ на другите држави. („Вистинската причина за војната беше растежот на атинската моќ и стравот што тоа го предизвика кај Спарта“.) Плашејќи се за својата безбедност, државите настојуваат да создадат, сами или најчесто преку сојузи, противтежа на моќта на соперникот. Крајна цел, пак, е да се уништи моќта на противникот. Државите кои не се покоруваат на овој „железен закон“ на меѓународната политика, се збришани. Балансирањето на моќта и стекнувањето предност над силата на противникот, ја отвора можноста за најневозможни сојузи. („Спарта влегува во сојуз со својот крвен непријател Персија, за да го порази довчерашниот сојузник против Персија, Атина“).
Моралните стандарди во меѓународната политика не играат примарна улога. Анархичната природа на меѓународниот систем високо го крева приматот на силата над моралот. Државите, многу често, немаат друг избор освен да се грижат за себе, затоа што не постои друг кој тоа би го сторил наместо нив, па избирајќи помеѓу безбедноста остварена со неморални средства и пропаста како резултат на морална политика, се определуваат за првото. Самиот карактер на односите меѓу државите кои можат да се подведат под заедничкиот именител – битка за моќ, како на државата така и на луѓето кои ги водат, поништува низа морални дилеми. Иако моралниот избор постои, тој не треба да исчекори од рамките кои ги поставува безбедноста на државата. Некогаш, таков избор и не постои. Нужностите на војната, на пример, принудуваат опстанокот на сопствената земја да се стави пред опстанокот на друга земја , на идентичан начин како кога родител кој гледа две деца во смртна опасност, во недостиг на поголем избор, се определува да го спаси сопственото, оставајќи го да загине туѓото.
Само преку разбирање на реалностите на светската политика за кои зборува Тукидид, сфаќаме зошто ни се скапоцени идеалите на меѓународното право и ОН денес.






