Кражбата на бистата на Вера Јоциќ е нејзиното второ убиство

Денес дознав дека бронзената биста на Вера (Оливера) Јоциќ – народна хероина,  антифашистка и борка на Народноослободителниот фронт, е украдена. Ова не е вест. Ова е симптом. Бистата е најверојатно веќе стопена, избришана како форма, продадена како суровина. Веста не дојде како шок во класична смисла – во оваа држава малку нешта сè уште изненадуваат – но дојде како потврда на она што одамна го знаеме, а сепак одбиваме целосно да го прифатиме.

Оваа биста не беше анонимна. Не беше случајна. Создадена е од Вида (Видосава) Јоциќ, сестрата на Вера – значајна југословенска вајарка којашто ги преживеала логорите Бањица и Аушвиц, а во 1941 година двете сестри заедно се придружуваат во партизански одред, но во 1944 Вера погинува кај Страцин, кумановско. Информацијата за авторството на бистата не беше добро познат факт. Напротив, во дијалог со повеќемина уметници, историчари на уметност и други луѓе, сите сметавме дека авторот е еден од попознатите македонски вајари, сѐ додека гледајќи го филмот на Марта Попивода и Ана Вујановиќ, Пејзажи на отпорот (Landscapes of Resistance) сосема случајно не откривме дека Вида е авторката од 1962 година. Ова нејзино дело не носеше само историска вредност и важност, туку и длабока емотивна, политичка и етичка тежина. Неизбежно се приметуваше дека портретот на својата сестра го создавала водена од длабокото чувство на загубата, отпорот и преживувањето. Бистата беше еден редок интимен сестрински, феминистички и антифашистички артефакт сместен во окупираниот јавен простор. Бистата беше политички чин, не декор. И токму затоа сега е украдена и исчезната.

Она што ја прави оваа кражба особено вознемирувачка не е само бруталноста на бришењето, туку и локацијата. Бистата се наоѓаше во непосредна близина на Владата – во дел од градот кој би требало да е најбезбеден и симболички најчуван. Ова не е заборавен агол, не е периферија, ниту пак темно сокаче, туку во срцето на институционалната моќ. И сепак, никој ништо не видел. Или никој не сметал дека треба да гледа.

И ова не е изолиран случај, не се случува за првпат. Претходно беше украден и друг споменик во Паркот Жена Борец, спроти Собранието – споменикот за бегалците од Егејска Македонија, како и уништувањето на споменикот на Невена Георгиева Дуња, и тоа од страна на, ни повеќе ни помалку, Град Скопје. И таа кражба помина без последици. Без одговорност. Без јавна реакција. Без институционален одговор. Глува тишина. Ова не се само пропусти во безбедноста. Ова се пропусти на политичката волја. Жените се паметат само кога одговара.

Светлана Слапшак пишува дека заборавањето не е пасивен процес, туку активна културна практика – особено кога станува збор за жените и антифашистичкото наследство. Она што денес го гледаме не е „немарност“, туку дисциплинирање на сеќавањето: се чува она што ја поддржува доминантната, машка и националистичка приказна; сè друго се остава да исчезне.

Како антропологина која со години работи на зачувување на женското и феминистичкото културно наследство, заедно со мои драги соработнички документиравме, мапиравме и раскажувавме наративи за жени кои го обликувале Скопје и Македонија: антифашистки, работнички, интелектуалки, организаторки, учителки, хуманитарки, лекарки, дисидентки. Нашиот феминистички водич беше создаден како директен одговор на проектот „Скопје 2014“ – проект што монументализираше длабоко патријархална и националистичка верзија на историјата. Во таа архитектонска фантазија што брзо постана реалност, жените се појавуваат речиси исклучиво како симболи: мајки на нацијата (Олимпија), светици (Мајка Тереза), или апстрактни алегории лишени од агенс и политика.

Она што систематски е скриено и избришано се жените кои се бореле, организирале, се спротивставувале – и плаќале со своите животи. Вера Јоциќ припаѓа токму на таа избришана линија. А кражбата на нејзината биста не е изолиран криминален чин – таа е дел од поширок образец на селективно сеќавање.

Македонија е меѓу земјите на Балканот со највисока стапка на фемициди. Женските животи очигледно не се заштитени. Во таков контекст, исчезнувањето на споменици посветени на жени антифашистки не е симболична случајност – туку структурна конзистентност. Она на што сведочиме не е само занемарување на културното наследство, туку активна политика на заборавање – политика што одлучува кои истории ќе бидат чувани, а кои ќе исчезнат тивко, без истрага и без последици.

Жарана Папиќ тоа го нарекува нормализација на насилството: моментот кога исчезнувањето – било на животи, било на спомени, престанува да предизвикува морална паника. И впрочем, таков е контекстот во којшто денес живееме. Насилството е нормализирано, институционалните одговори се слаби, а одговорноста непостоечка. Во таков контекст, исчезнувањето на споменици посветени на жени антифашистки не е парадокс, туку логично продолжение. Ако државата не ги штити жените додека се живи, зошто би го штитела нивното сеќавање?

Оливера Вера Јоциќ, со која патем делам датум на раѓање – 21 август, родена е во 1923 година во Белград, а израсната и политички оформена во Скопје. Уште како ученичка се вклучила во револуционерното младинско движење и станала членка на СКОЈ, а од октомври 1941 и на КПЈ. Активно учествувала во Народноослободителната борба на територијата на Србија и Македонија, најпрво како курирка и организаторка во Ваљевскиот партизански одред, потоа како политичка работничка и заменичка на позиција политички комесар во повеќе единици, меѓу кои Кумановскиот партизански одред и Третата македонска ударна бригада. Покрај борбените дејства, Вера работела со населението, особено со жените, на политичка едукација, описменување и организирање. За народен херој на Југославија е прогласена постхумно во 1951 година.

 

 

Оваа биографија се чини како неважна за современите креатори на културните политики, а добро знаеме дека културното наследство не се штити само. Јавното сеќавање не опстојува на добра волја. Тоа бара институционална одговорност, политичка посветеност и јавна отчетност. Институциите мора да одговорат. Како е можно споменици лоцирани покрај највисоките државни институции постојано да исчезнуваат? Зошто спомениците посветени на жени антифашистки се третираат како потрошни? Зошто по кражбите никој не презема одговорност? Лидија Склевицки одамна предупредила дека историјата на жените, ако не е активно негувана, брзо станува невидлива, затоа што не е вградена во институциите, туку опстојува преку кревки мрежи на грижа, солидарност и сеќавање. Кога тие мрежи ќе се остават без поддршка, бришењето е неизбежно.

И пред да почнат реакциите од јавноста посочувајќи виновници инволвирајќи етничка позадина, нека посегнат по подлабоките коренити проблеми во ова општество и дури и да е во право, нека си дозволи најпрво јавноста да промисли и да го посочи вистинскиот извор на состојбите во оваа земја. Ова не е прашање на бронза. Ова е прашање на вредности. Ако државата не може, или не сака да го заштити сеќавањето на жените кои се бореле за слобода, тогаш таа соучествува во нивното второ бришење. Тишината не е случајна. Таа е политика. Се надевам дека ова мое писание ќе значи некаков повик за дејствување, и ќе го иницира моментот кога тишината за оваа институционална негрижа мора да заврши.

Кражбата на бистата на Вера Јоциќ не е приватна загуба, ниту маргинален инцидент. Таа е прашање на јавна безбедност, јавно сеќавање и јавна одговорност. Културното наследство – особено антифашистичкото и феминистичкото – не смее да се третира како споредно или заменливо.

Кражбата на бистата на Вера Јоциќ е нејзиното второ убиство – симболично, но политички реално. Првото бришење трае со децении, низ институции, јавен простор и официјални наративи. Ако и овој пат сè заврши со молк, тогаш пораката е јасна: во оваа држава не само што жените не се безбедни, туку ни нивната историја не заслужува заштита.

И тоа не е само срам.

Тоа е избор. Одлука.

Затоа, следниве барања мора итно да бидат адресирани:

До Министерството за внатрешни работи:

– Да спроведе транспарентна истрага за кражбата на бистата на Вера Јоциќ, вклучително и можни организирани мрежи за кражба и препродажба на јавни споменици.

– Јавно да ги соопшти чекорите и резултатите од истрагата.

– Повторливите кражби на споменици од антифашистичкото минато да ги сфати како сериозни случаи.

До Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство:

– Формално да ги признаат спомениците посветени на жени антифашистки како заштитено културно наследство.

– Итно да направат проценка на ранливоста на постојните споменици и меморијали, особено оние посветени на жени.

– Да развијат и применат конкретни заштитни мерки – физички, правни и симболички – за да се спречат понатамошни загуби.

– Да преземат одговорност за реставрација или замена во случаи кога културни артефакти веќе се уништени или украдени.

До Владата на Северна Македонија во целина:

– Да признае дека феминистичкото и антифашистичкото наследство не е маргинално, туку темелно за националната историја.

– Да обезбеди јавниот простор да ја одразува историската комплексност, отпорот и плуралноста – а не само националистички и патријархални наративи.

– Да се обврзе на заштита на сеќавањето како прашање на демократска отчетност.

Заштитата на културното наследство не значи само зачувување на објекти; таа значи потврдување на тоа кои истории се важни. Кога спомениците на жени борки исчезнуваат без последици, се испраќа јасна порака за тоа чии борби вреди да се паметат.

Јас ја одбивам таа порака.

Ова е повик за одговорност, не за милост. Повик за дејствување, не за симболични гестови. Барање државата да ја изврши својата најосновна должност: да ги заштити животите, сеќавањата и наследствата на жените – минати и сегашни.

 

илустрација: Емилија Мишева (Em Ellephantski)

Јана Коцевска 

Фејсбук статус

Извор: meduza.mk 

Back to top button
Close