Кремљ демантира дека Путин ветил да не се преземаат нови маневри во близина на Украина

Кремљ ги нарече невистинити француските наводи дека рускиот претседател Владимир Путин му ветил на својот француски колега Емануел Макрон дека Москва засега нема да преземе нови воени иницијативи околу Украина.

Претходно анонимен француски функционер тврдеше дека Путин, по разговорите со Макрон, ветил дека засега нема да покренува нови воени иницијативи во близина на Украина, како вовед во деескалација.

Францускиот функционер, кој сакал да остане анонимен, нагласи дека Путин се согласил и војниците кои ќе учествуваат во воените вежби на белоруска територија во близина на Украина, да се вратат дома по нивното завршување.

Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, истакна дека Русија и Франција се уште не можат да постигнат договор за намалување на тензиите околу Украина. Таква деескалација е неопходна, призна тој истовремено, истакнувајќи дека средбата Путин-Макрон ја дала основата за натамошна работа во оваа насока.

Францускиот претседател Емануел Макрон по вчерашната средба со неговиот руски колега Владимир Путин изјави дека нивните разговори помогнале да се избегне дополнително влошување на кризата во Украина.

Макрон изјави пред неговите разговори во Киев дека успеал да го убеди Путин да не ја „ескалира“ кризата.

– Следните неколку дена ќе бидат одлучувачки и ќе бараат интензивни дискусии кои ќе ги продолжиме заедно, нагласи францускиот претседател, додавајќи дека дал предлози за „конкретни безбедносни гаранции“ до Путин, кој посочи дека некои од идеите би можеле да помогнат во олеснување на кризата.

Back to top button
Close