Кризен штаб на Србија: Трета доза вакцина за лицата со одредени хронични болести

– Српскиот кризен штаб за сузбивање на корнавирусот денеска  одлучи на граѓаните кои имаат одредени болести да им препорача трета доза од вакцината против заразата, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерката за труд, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, изјави дека станува збор за лица кои имаат состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот.

-Тоа се првенствено луѓе кои имале трансплантација на органи, оние кои се на хемодијализа, лица со малигни заболувања, кажа Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа додаде дека првата доза на вакцината досега ја примиле 49,7 отсто од полнолетните граѓани, односно над 2,6 милиони луѓе, додека 2,5 милиони ги примиле двете дози, што „не е доволно за да се спречи ширењето на болеста“.

-Уште еднаш би сакала да апелирам до сите граѓани кои не го сториле тоа да се вакцинираат, а тоа се првенствено младите, изјави министерката, додавајќи дека само секое петто лице под 30-годишна возраст е вакцинирано.

На прашањето дали се размислува за воведување на задолжителна вакцинација, барем за одредени групи, Кисиќ Тепавчевиќ кажа дека секоја санкција ќе биде „безвредна“ во споредба со самата болест.

-Сигурно нема полоша казна од фактот да се разболиме, кажа таа и повтори дека сите истражувања покажале дека вакцините се високоефикасни и безбедни.

На прашањето кога може да се очекува нов бран на епидемијата, таа рече дека тој нема да се случи доколку се вакцинираат најголемиот број на луѓе кои досега не го сториле тоа.

На денешната седница не беа донесени нови мерки за контрола на коронавирусот.

Back to top button
Close