Кучиња-трагачи и роботи вклучени во потрагата по преживеани во Бангкок
Кучиња-трагачи и роботи се вклучени во потрагата по преживеани во Бангкок по земјотресот од 7,7 степени според Рихтер, што завчера го погоди Мјанмар, а кој беше почувствуван и предизвика пустош во Тајланд, соопштија градските власти. Тие наведоа дека првите знаци на напредок се појавуваат на почетокот на третиот ден од силниот земјотрес.
„Големиот куп урнатини во близина на урнатата повеќекатница е показател за тоа колку работа извршиле багерите во текот на ноќта. Утрово слушнавме дека спасувачите пронашле знаци на живот за едно лице под урнатините, што беше потврдено од скенери и кучиња трагачи“, рече неименуван службеник, додавајќи дека роботот бил употребен за да трасира патеката за спасувачите, пренесува Би-Би-Си.
Тајландските власти вчера објавија дека откриле најмалку 15 луѓе кои се живи, но како што поминуваше денот, утврдиле дека некои од тие луѓе повеќе не даваат знаци на живот.
Според последните информации, околу 83 лица се уште се водат за исчезнати ширум Бангкок, од кои огромното мнозинство се градежни работници ангажирани на градилиштата.