Курти ја одби поканата да присуствува на иницијативата „Отворен Балкан“

Косовскиот премиер Албин Курти ја одбил поканата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, да присуствува на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид на 7 и 8 јуни, објавија приштинските медиуми.

Според Коха, во соопштението на косовската влада се наведува дека Курти му испратил писмо на Ковачевски во кое уште еднаш го објаснил односот на Косово кон регионалната соработка.

Курти изјавил дека Косово ја поздравува регионалната соработка која се заснова на принципите на еднаквост и затоа е активно вклучено во берлинскиот процес.

Курти во писмото додава дека Берлинскиот процес опфаќа многу регионални иницијативи, вклучително и Заедничкиот регионален пазар, кој беше одобрен од шест земји од Западен Балкан на Самитот во Софија 2020 година.

Тој, исто така, тврди дека Србија бара нееднаков третман на косовските граѓани во рамките на Берлинскиот процес и го блокира секој договор во рамките на Заедничкиот регионален пазар кој дозволува регионална соработка заснована на принципите на еднаквост.

Back to top button
Close