Кузеска: Кралевите на урбаната мафија се дел од владината коалиција
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека обвинителството и полицијата немаат намера да отворат каква било истрага за поднесената пријава за 150 дивоградби во општина Чаир, но и дека „кралевите на урбаната мафија“ се дел од владината коалиција.
– Кога се дивоградбите во прашање, не постои закон, полиција, обвинител кој може да ги фати и да ги санкционира за криминалот. И по поднесена пријава за 150 дивоградби во општина Чаир ниту обвинителството ниту полицијата немаат намера да отворат било каква истрага, рече Кузеска.
Според неа, до овој момент иако на очиглед на јавноста беа доставени сите докази за дивоградбите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги сокрие и да ги амнестира од одговорност, како што кажа, „подобните“ од ВЛЕН. Праша зошто и каква корист од ова има премиерот Христијан Мицкоски.
-Колку пари се поделени за овие дивоградби? Замислете, во Чаир постои зграда која е впишана во Катастарот во 2024 година со елаборат дека наводно била направена во 2011 година. Катастарот истовремено има и снимка од терен од вршено мерење на парцела, каде се гледа дека на тоа место во 2013 година има барака, рече Кузеска.
СДСМ прашува кој зема пари во врвот на власта за оваа дивоградба. – Колку рекетирани пари има земено Мицкоски за 150 вакви дивоградби кои немаат основни услови за нормален и безбеден живот? Ако не одговори Мицкоски, одговорите ќе ги обелодениме ние, рече Кузеска.