Кузеска: Ослободувањето за „Талир 2“ е доказ за целосна партизација на судството под контрола на Мицкоски
Случајот „Талир 2“ е потврда за сите досегашни предупредувања на СДСМ и јасен одговор зошто не се спроведуваат реформите во правосудниот систем, а има ли поголем доказ за смислената партизација и постепеното преземање контрола врз правосудството од страна на власта, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција од партиското седиште.

Таа вели оти зад игрите со предметот „Талир 2“ стои добро разработено сценарио за да се спречи конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и спас за поранешниот премиер Никола Груевски, наведувајќи ги тврдењата на поранешната обвинителка во предметот, Ленче Ристоска, која, според неа, открила детали за намерно одложување и развлекување на процесот.
„Обвинителството не се спротивставило ниту кога ВМРО побарало одлагање на рочиште иако нивното присуство не било законски задолжително. Сите овие одлагања довеле предметот да влезе во рокови што, практично, не му оставаат време на Апелациониот суд мериторно да одлучува. Ова се исклучително сериозни обвинувања од обвинителката која со години го водеше предметот. Ова е вистината“,вели Кузеска.
„Сè е јасно како ден. Ете како контролираното судство на Мицкоски ја спречи конфискацијата на имотот на ВМРО и го спаси Никола Груевски. Затоа Ристовска беше тргната од предметите и ѝ беа одземени овластувањата. Јавно беа таргетирани судии и обвинители кои работеа на ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’“,
рече таа.
Дополнително, вели оти власта намерно го сменила јавниот обвинител, поставувајќи обвинителка од тефтерот на Сашо Мијалков, која е позната по бомбите и која континуирано именувала судии блиски до владејачката партија, а како краен резултат на ваквото партизирано правосудство, Никола Груевски е ослободен од одговорност, а криминално стекнатиот имот останува во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа пресуда, според Кузеска, е најсилен доказ дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја контролира државата – нема правда, а судството не им служи на граѓаните, туку за спас на криминалот на власта.






