Лајчак: Се чувствувам како идиот, не се сеќавам на тие пораки
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ откако неодамна беа објавени нови СМС-пораки поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.

Лајчак, кој претходно поднесе оставка од функцијата советник на премиерот Роберт Фицо, во интервју за Радио Словачка нагласи дека не може ниту да ја потврди ниту да ја негира содржината на пораките.
– Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам… Се чувствувам како идиот – рече словачкиот дипломат откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше каква било вмешаност во кривични дела, инсистирајќи дека пораките биле „само глупави машки муабети“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил претставен на Џефри Епштајн од висок странски дипломат.
Тој истакна дека Епштајн е широко познат и се сретнал со бројни деловни и политички личности од САД и од странство.
– Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт – рече Лајчак, додавајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален престап во 2008 година, но дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него дури и после тоа.
Лајчак нагласи дека неговиот однос со Епштајн се темелел на зборови, а не на дела, и дека денес тој „плаќа цена за комуникација и запознавање со него“.
Тој го посетил и станот на Епштајн, но тврди дека девојките не биле присутни во тоа време и дека овој дел од животот на Епштајн му бил сосема непознат.






