Лавров на 7 јуни во Белград


Ова е прва посета на висок руски функционер на Србија од избувнувањето на украинската криза, а доаѓа во време кога Европската унија го подготвува најтешкиот пакет санкции, кои Србија, како единствена држава во Европа, досега се нема приклучено
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доаѓа во посета на Белград на 7 јуни, јави МИА од Белград.

Како што е најавено, тој ќе има средби со српскиот државен врв, а се очекува на средбата со претседателот Александар Вучиќ да стане збор за сите горливи теми, од настаните во Украина и позицијата на Србија кон оваа криза, преку ситуацијата во регионот и економската соработка во контекст на санкциите што Западот ги воведе на Русија.

Шефот на руската дипломатија доаѓа во време на голем притисок врз Србија да воведе санкции кон Русија, но и пред најавените разговори во недела меѓу Александар Вучиќ и Владимир Путин за гасот.

Ова е прва посета на висок руски функционер на Србија од избувнувањето на украинската криза, а доаѓа во време кога Европската унија го подготвува најтешкиот пакет санкции, кои Србија, како единствена држава во Европа, досега се нема приклучено.

Лавров треба да присуствува и на приемот по повод Денот на Русија, што ќе го организира руската амбасада во Белград на 7 јуни.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера најави оти в недела ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин во врска со гасниот договор меѓу Србија и Русија, кој истече на 21 мај. Во пресрет на средбата се шпекулира дали и под кои услови Србија воопшто ќе може да набавува нови количини гас од Русија.

„Верувам дека ќе имам добар и сериозен разговор со Путин за натамошната соработка меѓу Србија и Русија, договорот за гас и сите други прашања“,

рече Вучиќ на прес-конференција.

Back to top button
Close