Лажни содржини за брза заработка креирани со вештачка интелегенција го „окупираат“ интернет просторот
Во текот на 2025 година до средината на ноември до Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи доставени се 60 пријави за разни измами на интернет, а вкупно 20 пријави за злоупотреба на лични податоци на интернет. Од тие 20 пријави, како што наведуваат од МВР за МИА, добиени се четири пријави од доктори за кражба на идентитет. Поконкретно, како што објаснуваат оттаму, начинот на стореното кривично дело е ширење на лажно deep fake видео креирано со вештачка интелигенција и воедно лажно интервју кое се користи со цел рекламирање и продажба на одредени производи.

Пријавите се поврзани со вирално ширење на лажни интервјуа и постови во кои се користат име и фотографија на познати доктори, при што користејќи го нивниот углед и популарност без нивно одобрување се користеле за рекламирање препораки за некакви производи. Најчесто се работи за чаеви за слабеење или за лекување разни заболувања кои пријавителите никогаш не ги дале.
– Како и за сите други кривични дела, така и за пријавите за „Злоупотреба на лични податоци”, а поврзано со вирално ширење на лажни интервјуа, Секторот за компјутерски криминал при МВР го известува Основното јавно обвинителство и се преземаат сите потребни мерки за откривање на сторителот – лоцирање на ИП адреси од кои се креирани профилите на кои се споделени лажните видеа, посочуваат од МВР.
До Агенцијата за заштита на личните податоци, пак, во тековната 2025 година поднесени се 186 претставки кои се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци на социјалните мрежи. Како што наведуваат од АЗЛП за МИА, 69 претставки поднесени до Агенцијата се однесуваат за лажен профил, 45 претставки се за пробиени (хакирани) профили, а останатите претставки се однесуваат за објавување на туѓи фотографии, видео и аудио снимки на туѓи профили на социјални медиуми, како и претставки кои што се однесуваат за навреда, клевета и уцена преку интернет. Оваа година граѓаните имаат поднесено шест претставки кои се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци и приватноста на деца на социјалните мрежи. Во текот на предизборниот процес на локалните избори за 2025 година, до Агенцијата биле поднесени две претставки за неовластено објавување на лични податоци на кандидати за градоначалници и креирање нивни лажни профили на социјалните мрежи.

Она што е интересно е дека и покрај зголемувањето на бројот на креирани фотографии и видеа со Вештачка интелеганција и нивна злоупотреба, до Агенцијата во 2025 година немало поплаки од граѓаните во однос на повреда на нивното право на заштита на личните податоци на интернет преку користење на вештачка интелигенција.
За споредба, во претходната 2024 година до АЗЛП биле поднесени 249 претставки кои се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци на социјалните мрежи, од кои 12 се за деца.
Емилија Гиноскa, советник за информирање во АЗЛП, посочува дека во однос на причините за пријавување на претставките годинава тие се однесуваат на лажни профили, понатаму за пробиени (хакирани) профили и претставки кои се однесуваат за објавување туѓи фотографии преку социјалните мрежи.
– Претставките кои се однесуваат за лажен профил се најчести и во тие случаи граѓаните пријавуваат доколку некој креира профил на социјалните мрежи со нивни фотографии и лични податоци и лажно се претставува како нив. Според социјалната мрежа на која се однесуваат претставките, најголемиот број се однесуваат на Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram), ТикТок (TikTok) и Снепчет (Snapchat), вели Гиноска.
Измамнички стории, видеа и ботови за заработка и пренасочување на вниманието на штета на угледот и рејтингот на познати личности и медиуми
Медиумската информативна агенција во изминатава година на двапати беше на удар на измамнички стории за заработка – во април и во октомври, креирани со помош на новите технологии. Во двата случаи Агенцијата ги демантираше овие објави што се појавија, главно на социјалните мрежи. Голем број медиуми и јавни личности во последно време се соочуваат со вакви содржини, а неретко тие се направени како deep fake видеа.
На 14 октомври во интернет просторот се појави лажно интервју на новинарката Ана Зафирова со министерот Тимчо Муцунски, а притоа беа злоупотребени името на Агенцијата, која беше прикажана со видоизменето лого, како и фотографии на МИА. Агенцијата објави демант дека наводното интервју за МИА како што лажно е прикажано го направила новинарката Ана Зафирова, која исто така реагираше за оваа злоупотреба и измама во интернет просторот.

Зафирова за МИА вели дека за „хакнувањето“ на нејзиниот идентитет дознала од грижливото споделување на информацијата на Божидар Спировски на Линкедин.
– Тој со коментар го пренесе „интервјуто“ на МИА, во кое јас како новинарка наводно правам интервју со министерот Тимчо Муцунски за приходите кои можат да се остварат од даноците. Типична малинформација, во која вешто се користеа алатките за дизајн на порталот на МИА, со цел да им се наштети на граѓаните. И во минатото имам слични искуства на Инстаграм кои ме загрижуваат затоа што се доведува во заблуда публиката која го следи мојот профил, па затоа ревносно предупредувам штом го увидам тоа постоење на паралелни профили или ширење дезинформации.

Таа упатува апел до сите корисници особено на социјалните мрежи, но и оние кои добиваат мејлови со содржини и непознати адреси за нив. Според Зафирова, ова е време во кое медиумската писменост ќе ни овозможи да имаме јасен, бистар поглед на сé околу нас.
– Редовно да се проверува кој проследува информација со нив, проверете датум, со каква цел таа информација е во вашето сандаче, дали мејловите имаат правописни грешки, преку кои може да се детектира дека стануваат дел од ланец на измама. Понатаму, размислете дали таа информација предизвикува некоја емотивна реакција, дали користи хиперболичен јазик, дали ве преплавува со мисли, дали вие се „закачувате“ на јадицата на информацијата и продолжувате да ја ширите. Имајте на ум дека и вие сте бедемот во ширење на дезинформациите и полу(не)вистините. Во информациската ера, критичкото конзумирање на информации ни овозможува да имаме ментално здравје. А, за здравјето сé, порачува Зафирова.
Граѓаните лично и директно да поднесуваат барања за бришење на злоупотребени профили до социјалните мрежи
Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) нема надлежност да постапува во случаи на злоупотреба на профили на интернет, односно не врши бришење, враќање или блокирање на профили на социјалните мрежи. Но, поради се почестите барања од граѓаните за отстранување лажни или хакирани профили на социјалните мрежи Агенцијата изготви насоки согласно објавените политики на самите платформи за граѓаните да можат лично и директно да ги поднесуваат своите барања до конкретните социјални мрежи, а не преку посредување.
На нивната официјална веб-страница објавени се детални насоки за пријава на профил на социјалните мрежи на интернет. Овие насоки се наменети за сите физички лица кои сакаат на безбеден и правилен начин да пријават профил на платформи како што се Facebook, Instagram, TikTok, X (Twitter), YouTube и други.

Доколку некој креира лажен профил со туѓи лични податоци на некоја од социјалните мрежи, согласно нивната политика на приватност потребно е лицето да ги следи чекорите за пријавување на лажниот профил кои ги нуди самата социјална мрежа на својата веб страница. Откако лицето ќе ја поднесе пријавата, администраторот на социјалната мрежа ќе го контактира на е-маил адресата која ја навел и ќе го извести за преземените мерки/чекори. Доколку лицето нема да добие одговор од социјалната мрежа, тоа може да се обрати до Агенцијата за заштита на лични податоци преку нивната е-маил адреса доколку се работи за социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Агенцијата во тој случај пријавуваше со контактирање на техничкиот тим на социјалните мрежи. Понатаму, со заедничка соработка тие профили се отстрануваа откако од страна на социјалната мрежа е утврдено преку постапка дека тоа навистина се случило.
Но, како што појаснува Гиноска за МИА, доколку станува збор за спречување, откривање и гонење на сторители на кривични дела извршени преку интернет, А за заштита на лични податоци не е надлежна согласно закон да презема дејствија и активности против непознато лице односно не е надлежна за откривање на н.н. сторител и во такви случаи пријавите се препраќаат во надлежност на Министерството за внатрешни работи односно до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и јавното обвинителство за да може да се спроведе истрага и да се открие сторителот.

Од АЗЛП наведуваат дека како една од нивните приоритетни активности е подигнување на свесноста на граѓаните за заштитата на нивните лични податоци и правото на приватност, особено кога се работи за децата. Со таа цел редовно се организираат едукативни работилници во основни и средни училишта и онлајн настави на македонски и албански јазик низ целата територија на нашата држава. Учениците имаат прилика да се запознаат со работата на Агенцијата во врска со заштитата на личните податоци, да добијат корисни совети за заштита на нивната приватност и идентитет на интернет, како и да се информираат за мерките за безбедност при користење на социјалните мрежи, но и информативни материјали со совети: „Приватноста на децата и младите во светот на модерните технологии (Интернет и социјални мрежи)“, со цел да се едуцираат децата за важноста на заштита на приватноста, особено бидејќи тие секојдневно ги користат придобивките на дигитализацијата.
Државниот завод за статистика неодамна објави податоци дека во првото тримесечје од 2025 година, 92.1 отсто од вкупното население во земјава на возраст од 15 до 74 години користеле интернет, а 91.2 отсто од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. При користењето на информатичко-компјутерската технологија во домаќинствата и од поединците, најголемо учество од 93.2 отсто имаат телефонирањето преку интернет/видеoповиците (веб-камера; апликации – Skype, Facetime, Messenger, WhatsApp, Viber, Snapchat). Пораки, пак, најмногу се испраќале преку Скајп (Skype), Месинџер (Messenger), Ватсап (WhatsApp) и Вибер (Viber).





