ЛДП: Лидерска средба има смисла и треба да се разговара за суштински реформи


Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека лидерска средба има смисла и оти на неа единствено мора да се разговара за суштински реформи.

– Ние сме подготвени да одиме на лидерска средба, но НЕ ако е таа само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, туку заради одговори на клучните прашања кои директно го засегаат животот на граѓаните, се посочува во соопштението од ЛДП во врска со најавите од премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба.

– Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна, наведуваат од партијата.

Од ЛДП прашуваат зошто доцнат некои министерства со реализација на реформската агенда и до каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред.

– На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација, посочуваат од ЛДП.

Според нив, на Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници и наместо 25,15 функционални министерства, како и голем број членови на управни и надзорни одбори и армија заменици директори.

-На Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува. Да, треба да разговараме, но за вистински и суштински реформи. Сè друго би било губење време на грбот на граѓаните, посочуваат од ЛДП.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close