Ле Риголер: Нема нови преговори за „францускиот“ предлог, тоа е губење време

Француско-германскиот предлог за постепена интеграција на земјите кандидатки во Европската Унија не подразбира создавање меѓустатус или „втора лига“ за земјите од Западен Балкан. Напротив, целта на Франција и Германија е процесот на проширување да добие нова динамика и земјите кандидатки, вклучително и Северна Македонија, да имаат поголеми придобивки на патот кон полноправно членство, вели во интервју за „Порталб“, францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер.
– Овој нон-пејпер не подразбира дека ќе се создаде втор статус, односно дека ќе има земји членки на ЕУ што нема да станат членки со полни права, туку ќе имаат само меѓустатус. Тоа не е планот, бидејќи визијата што ја имаме во Париз и Берлин е јасна, а тоа е целосна интеграција на земјите од Западен Балкан и на Северна Македонија – изјави Ле Риголер.
Говорејќи за граѓаните на Северна Македонија, кои се уморни од долгото чекање пред вратите на Унијата, Ле Риголер вели дека пораката на ЕУ останува јасна: реформите мора да продолжат.
Едно од клучните прашања за европскиот пат на државата, додава тој, останува компромисот од 2022 година, во јавноста познат како француски предлог, како и обврските што произлегуваат од него во однос на преговарачкиот процес. Ле Риголер инсистира дека овој компромис не е билатерален договор со Бугарија, туку текст потпишан меѓу Северна Македонија и Европската Унија.
Тој нагласи дека овој документ нема повторно да се отвори за преговори, без оглед на политичките барања што повремено доаѓаат од политичари во земјата. Повторното преговарање, според него, би било само губење време.
Патот напред, додава Ле Риголер, е изнаоѓањето начин компромисот да се спроведе на политички прифатлив начин и во разумен рок, а за тоа, додава, неопходен е искрен, отворен и мирен дијалог меѓу Скопје и Софија.






