ЛЕ: Вардар 1961 ѝ се реваншираше на Бенфика и обезбеди место во плејофот


Ракометарите на Вардар 1961 обезбедија пласман во плејофот во Лига Европа, откако вечерва на домашен терен ја совладаа Бенфика со 33-27 и ја забележаа третата победа во четвртиот натпревар во рамки на групата 3.

Со вечерашниот триумф „црвено – црните“ го обезбедија второто место во групата пред завршниот натпревар против Мелсунген на 10 март на кој со евентуално победа или реми ќе завршат првопласирани и ќе обезбедат директен пласман во четвртфиналето

Силно мотивиран и помогнат од бучната публика во салата „Јане Сандански“ ракометарите на Вардар добро го отворија натпреварот и на средината од првото полувреме имаа предност од 10-6.

Бенфика до крајот на полувремето успеа да намали на гол негатива (14-15), но Вардар го одби нападот на португалскиот тим и со серија од 6-1 дојде до највисока предност од седум голови (27-20) во 48 минута.

Уследи серија на Бенфика од 4-1, но по тајмаутот на тренерот Чупиќ, „црвено – црните“ ги консолидираа редовите и со голот на Малус во завршниот напад дојдоа до победа од шест голови разлика со која му се реваншираа на португалскиот тим за поразот од 40-35 во Лисабон.

Малус беше најефикасен во редовите на Вардар со девет голови, еден повеќе од Воркапиќ, додека Валах запиша шест, а Еспиња три интервенции на голот.

Пред завршното коло, Вардар е лидер во групата со шест бодови, колку што има и второпласираниот Мелсунген, додека Бенфика на третото и Кристијанштад на четвртото место имаат по четири бодови.

Back to top button
Close