Лескир: Кризата во Ормуската Теснина и на Блискиот Исток претставува нов нафтен шок


Францускиот министер за економија Ролан Лескир денеска предупреди дека кризата во Ормуската Теснина би можела да прерасне во пошироко економско нарушување од системски карактер, оценувајќи дека актуелниот конфликт на Блискиот Исток веќе претставува нов глобален нафтен шок.

Обраќајќи им се на пратениците во Националното собрание на Франција, Лескир изјави дека „хипотезата за минлива криза веќе не е актуелна“, истакнувајќи дека станува збор за сериозно нарушување на енергетскиот пазар.

Според него, поради кризата моментално на светскиот пазар не стигнуваат меѓу 15 и 20 отсто од нафтата, како и околу 20 отсто од течниот природен гас, што значи недостиг од околу 11 милиони барели дневно, пренесува „Фигаро“.

– Оваа ситуација претставува нов нафтен шок. Ако потрае подолго од неколку недели, кризата би можела да се прелие на пошироката економија и да добие системски карактер, иако сè уште не сме во таа фаза – предупреди Лескир.

Како што наведе, меѓу 30 и 40 отсто од рафинериските капацитети во Заливот моментално не се во функција, било поради прекин на работата или оштетувања како последица на напади.

Повторното активирање на запрените постројки би можело да трае со недели, додека обновата на оштетените би можела да потрае со години, со што, како што наведе тој, „се исклучува брзо враќање во нормала“.

Францускиот министер истакна дека ширењето на економските последици ќе зависи од траењето и интензитетот на конфликтот, наведувајќи дека траен раст на цената на нафтата од 10 долари по барел го намалува стопанскиот раст на Франција за околу 0,1 процентен поен и ја зголемува инфлацијата за 0,3 поени.

По првите американско-израелски напади врз Иран кон крајот на февруари, цената на нафтата нагло порасна и оттогаш речиси непрекинато се задржува над 100 долари за барел, што веќе се одразува на цените на горивата.

Back to top button
Close