Левица бара разрешување на директорот Михаилов поради поттикнување насилство врз советничка

Политичката партија Левица упати остро барање за итна оставка на заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, обвинувајќи го за директно поттикнување на омраза и сексуално насилство врз нивната советничка во Град Скопје, Евгенија Станкоска. Според партијата, Михаилов злоупотребил јавна функција за да сподели видео со извлечен контекст, со цел да предизвика јавен линч и деградирачки напади врз млада политичарка.

​Од Левица појаснуваат дека видеото на кое Станкоска молчи десет минути е всушност дел од координиран институционален притисок (филибастер) против одлуката на претседателот на Советот на Град Скопје да го ограничи правото на збор на советниците. Тие нагласуваат дека овој метод бил успешен и дека деловничките права биле вратени, но дека Михаилов намерно го претставил молчењето изолирано за да ја дискредитира советничката.

 

​„Култура на насилство и заплашување“

Партијата тврди дека одговорноста на функционерот е уште поголема бидејќи тој активно комуницирал со дигиталната толпа, лајкувајќи и валидирајќи коментари кои содржеле експлицитни повици за силување и физичко насилство. Според Левица, ваквото однесување создава опасна клима на заплашување која ги одвраќа жените и младите од учество во јавниот живот.

Покрај барањето за разрешување од Управниот одбор на ЈП „Национални шуми“, Левица ги повика МВР и Јавното обвинителство веднаш да ги идентификуваат и санкционираат сите лица кои упатиле закани на социјалните мрежи. „Ова е примитивизам кој свесно се пушта во оптек за да се замолчат тие што не се покоруваат, но жените во Левица нема да се повлечат пред ваквите грозни обиди за заплашување“, стои во соопштението

Back to top button
Close