Левица до советниците од ВМРО-ДПМНЕ: Колку жртви на семејно насилство можат да се згрижат во стан од 30м2?

Навикнете се на вакви „спектакуларни“ соопштенија од советниците на ДПМНЕ. Одлука за давање на стан од 30м2 на здружение, за нив е згрижување на жртви на семејно насилство“, порача координаторката на советничката група на Левица во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановски откако на вчерашната седница на Советот била изгласана одлука за стан кој ќе служи како шелтер центар за заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Јовановска информира дека јавно ги прашале колегите од ВМРО-ДПМНЕ „колку жртви на семејно насилство можат да се згрижат во стан од 30м2?“.

„Како советничка група се залагаме за системски решенија и згрижување на сите жртви на семејно насилство, а не само на една! Колку поразително од партија која што има апсолутна власт во државата и која може да изгради згрижувачки центар во кој ќе се згрижат сите жртви на семејно насилство, да прави спектакл од давање под закуп на стан од 30м2“, истакна советничката.

Претходно од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ критикуваа дека советниците од Левица не гласале за одлуката.

На вчерашната седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за користење на станот како безбеден, привремен дом за лица кои се жртви на насилство. Во новиот центар, жртвите ќе добијат итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.

„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде засолниште, подадена рака и нов почеток“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Back to top button
Close