Левица: „Ќе одговара секој, па макар и роден брат“ – освен ако е од обезбедувањето на Мицкоски
„Член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој ја претепал својата сопруга, доби условна казна откако ја признал вината за стореното делo.

Наместо затворска казна, насилникот доби уште една шанса од системот кој со години потфрла во заштитата на жртвите на семејно насилство. Мицкоски неодамна тврдеше дека овој случај бил „доказ дека системот функционира“. Ако ова е функционирање на системот, тогаш не е чудо што Македонија е меѓу европските држави со највисоки стапки на фемицид и што секоја нова трагедија доаѓа по истата шема: пријави, игнорирање, благи казни и на крај – изгубен човечки живот“ реагираат од Левица.
Од партијата велат „дополнително, Мицкоски во повеќе наврати јавно тврдеше дека „секој што се огрешил пред законот ќе одговара, па макар бил и роден брат или сестра“. Дали ова важи за сите или постојат привилегирани категории блиски до власта? Македонија веќе со години се соочува со епидемија на семејно насилство и фемицид. Речиси секој нов случај открива иста шема: претходни пријави, институционална неажурност, благи санкции и на крај трагични последици. Наместо државата да испрати јасна порака дека насилството врз жените нема да се толерира, судовите продолжуваат да делат условни казни и да ја поткопуваат довербата во правниот систем.
„Ваквите пресуди создаваат чувство на неказнивост и испраќаат опасна порака до сите потенцијални сторители на семејно насилство. Условните казни не ги штитат жртвите, туку ги охрабруваат насилниците дека и следниот пат ќе поминат без сериозни последици. Левица бара целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности под кои е изречена ваквата пресуда и одговор на прашањето дали блискоста до власта повторно се покажала како олеснителна околност во македонското судство“ е ставот на партијата.






