Левица е за укинување на техничката владa


– Техничката влада функционира како „фасада и привид на фер и демократски избори“, зад која продолжуваат политичката нееднаквост, селективноста и цензурата. Укинувањето на техничката влада би било прифатливо само доколку е проследено со вистински, а не декларативни демократски реформи – велат од партијата.

Како клучен предуслов, Левица го посочува воведувањето на една изборна единица, со цел секој глас да вреди еднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за сите политички субјекти.

Од партијата потсетуваат дека на последните избори, токму Левица, иако парламентарна партија, поради правна празнина, била единствената на која ѝ било оневозможено политичко рекламирање. По изборите, како што наведуваат, биле предложени законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не биле прифатени од владејачкото мнозинство.

– Институциите не се созреани и досегашната пракса со техничките влади не донесе фер и демократски избори без институционални злоупотреби – велат од партијата и додаваат дека, според нив, техничката влада се покажала како механизам за дополнителни злоупотреби и параван за задоволување на интересите на владејачките и коалициските структури.

Во соопштението се наведува и дека за време на мандатите на техничките влади биле носени системски закони по скратена постапка и биле штитени интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија.

– Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната – порачуваат од Левица, додавајќи дека нема да учествуваат во, како што велат, „шминкање на системот“ без суштински реформи.

За крај, од партијата потсетуваат дека воведувањето една изборна единица е и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги да не отстапуваат од сопствените заложби.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close