Левица го поддржува протестот на работниците и синдикатите на 1 Мај

Застапувајќи ги интересите на сопствените спонзори, десничарската влада целосно заборави на работникот и третирајќи го како орудје за остварување профит, доведува до социјално-економска криза, структурната експлоатација и континуираното дерогирање на работничките права, велат од Левица од каде го поддржаа утрешниот протест на ССМ.

– Пред само неколку дена сведочевме за тоа како животот на работникот нема никаква вредност за државните институции кога се во прашање милионите на олигархијата и владејачката класа.

Мицкоски ја претвори Владата во нем посматрач на трипатртитниот дијалог со работниците и работодавачите. Останувајќи во прегратките на Бранко Азески, власта изминативе две години се пресметува со синдикални лидери, прави притисоци за укинување на колективни договори и, најново, спремаат нов правилник на ФЗО со којшто имаат намера да го ускратат и правото на боледување на работниците.

Две минимални плати не се доволни за едно семејство да го преживее месецот. Половина од населениото заработува плата пониска од 600 евра. Додека власта се фали со фиктивен раст на БДП и илузорни статистики, инфлацијата ја јаде платата, а работниците не можат да го преживеат месецот.

Оттука Левица целосно го поддржува утрешниот протест, барањата на синдикатите и работниците и ги повикува своите членови и симпатизери Денот на трудот да го одбележат на протест.

Ги повикуваме и работниците кои се задоволни од својата плата да излезат на протест и се солидаризираат со своите колеги и блиски чиј труд е обезвреднет. Синдикатите и работнички здруженија кои одбиваат да се приклучат на протестот ги потсетуваме дека Први мај е историски симбол на работничката борба, а солидарноста основен принцип во борбата за обезбедување достоинствен живот и работнички права. – соопштија од Левица

Back to top button
Close