„Левица има јавен договор со Мицкоски“, велат од СДСМ

СДСМ преку соопштение ја обвини Левица дека делува во интерес на власта и дека наместо да биде дел од опозицијата, му помага на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение, СДСМ оценува дека Левица повторно ја има улогата на „сателитска партија“ на власта, обвинувајќи ја дека ги напаѓа опозициските партии и ги попречува обидите за опозициско обединување.

Од СДСМ тврдат дека Левица не е вистинска опозиција, посочувајќи дека се спротивставува на членството во НАТО и на европската интеграција, иако, според нив, мнозинството граѓани ги поддржуваат овие стратешки определби.

Партијата наведува дека постои јавна соработка меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека претставници на Левица имале средби со Мицкоски, како и дека нивни пратеници останале во собраниската сала во момент кога останатиот дел од опозицијата ја напуштил седницата по, како што велат, навредите од премиерот.

„Тоа не е опозициско однесување. Тоа е јавна и јасна соработка со власта“, наведуваат од СДСМ.

Во соопштението се тврди и дека Левица е создадена за да ја разединува опозицијата, да го напаѓа СДСМ и да обезбедува поддршка за власта кога тоа е потребно.

„Левица не е опозиција. Таа е продолжена рака на Мицкоски“, порачаа од СДСМ, додавајќи дека граѓаните, според нив, веќе ја препознале таквата улога на партијата објави Скопје1.мк

Back to top button
Close