Левица: Имотот на газда Деко повреден од згаснатите млади животи во Кочани – виновните тужат, државата бега од одговорност

Секторот за медиуми и односи со јавност при ПП Левица реагираше поради поднесената приватна кривична тужба од Михаил Јованов, син на газдата на дискотеката „Пулс“ во Кочани, против осум лица и други непознати сторители за оштетување на кафе барот „Класик“.

Тужбата се однесува на штетите предизвикани на објектот за време на протестите на 17 март лани, ден по пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од двеста беа тешко повредени и сѐ уште се лекуваат.

Од Левица посочуваат дека поднесувањето на приватна кривична тужба од семејството на газдата, кој веќе е осомничен за настанот, претставува „врв на безобразието и цинизмот“ во оваа трагедија. Партијата укажува дека државата експресно се прогласила за ненадлежна да ги обештети семејствата на загинатите, со образложение дека пожарот се случил во приватен објект, додека осомничените имаат простор да бараат кривичен прогон и обештетување за штети кои се последица на нивното неодговорно работење.

„Ова е слика на изопачен систем во кој жртвите се оставени без правда и поддршка, а осомничените добиваат простор да ги тужат граѓаните, па дури и деца, за да наплатат штета“, се вели во соопштението. Левица додава дека ова се случува во услови кога на власт е партија која, како што велат, со години толерирала безредија, криминал и клиентелизам.

Партијата порача дека нема да дозволи трагедијата во Кочани да се претвори во фарса каде виновните се прикажуваат како жртви, а вистинските жртви како виновници. „Одговорност мора да има – кривична, институционална и политичка. Секој обид за заплашување на граѓаните ќе се смета како директен напад врз правото на правда и достоинство“, стои во соопштението.

Левица заклучува дека „правдата за Кочани не смее и нема да се задуши со уцени, закани, тужби и молк“.

Back to top button
Close