Левица: Можеше и без политичка врева да се информира за водата, но потребен е Орце во кадарот
„Од непроверена порака што кружеше низ преписки за наводна неисправност на водата, успеа да произведе политички спектакл, да ги прогласи скопјани за хистерични и да ја обвини опозицијата дека е единствениот причинител на недовербата на граѓаните во власта“, велат од Левица по денешната прес-конференција на градоначалникот на Град Скопје

Орце прави спектакл за да си го крене рејтингот, велат од Левица по денешната вонредна прес-конференција на градоначалникот на Град Скопје на која се демантираа дезинформациите за контаминираност на водата од скопскиот водовод.
Од Левица велат дека тоа можело да се соопшти и без политичка врева.
„Орце Ѓорѓиевски денес повторно покажа дека функцијата градоначалник ја разбира првенствено како ПР-платформа за лична промоција и партиски пресметки. Од непроверена порака што кружеше низ преписки за наводна неисправност на водата, успеа да произведе политички спектакл, да ги прогласи скопјани за хистерични и да ја обвини опозицијата дека е единствениот причинител на недовербата на граѓаните во власта. Надлежните институции од него и неговата потреба за ПР беа спречени навремено, професионално и без политичка врева да ја информираат јавноста. Очигледно, за Ѓорѓиевски не е доволно институциите да си ја завршат работата. Потребна е камера, конфликт, политички непријател и, секако, потребен е Орце во центарот на кадарот“,се вели во партиската реакција.
Тие му замеруваат што Ѓорѓиевски денеска обвини дека опозицијата спровела организиран напад за ширење хистерија.
„Ако веќе Ѓорѓиевски воведува практика без доказ да одредува кој стои зад некоја порака, тогаш со истата логика јавноста може да праша и дали пораката можеби била пуштена од кругови блиски до ДПМНЕ – за потоа истата власт да ја демантира, да произведе прес-конференција и да си запише уште еден измислен триумф. Бизарна e денешната експресна решителност на Ѓорѓиевски ако се потсетиме на Лепенец. Пред само неколку недели реката беше прекриена со пена, а градоначалникот ветуваше дека загадувачот ќе биде откриен, дека ќе следуваат санкции и дека немало да има толеранција за никого. Денес јавноста сè уште нема никаков епилог за тоа кој го предизвикал инцидентот и кој понел одговорност.“велат оттаму.
Првиот човек на Град Скопје денеска на прес-конференција со претставници на скопски „Водовод“ кажа дека уште од вчера имал сознанија оти центри на опозицијата планирале ширење паника во јавноста која почнала утринава, во врска со квалитетот на водата во главниот град.
„Шират лаги и дезинформации се со цел да се створи паника во јавноста. Но, освен ова што е организиран напад од опозицијата генерално, знаете на кого мислам, не мислам само на Социјалдемократскиот сојуз, тука мислам и на онаа партија – сателит која им помага честопати на Социјалдемократскиот сојуз, овој организиран напад за ширење хистерија, според мене е рамно на терористички напад и од утринава се сублимираат сите профили, и лажните и приватните, а се припадници на опозициските партии. Уредно, во текот на денот, од директорот на ‘Водовод и канализација’ ќе бидат доставени до МВР, од каде бараме да се постапи соодветно против истите“,кажа Ѓорѓиевски.






