Левица: Орце го срами Скопје – Букефал има пет нозе, скопско Кале е заменето со непозната тврдина, а Александар Македонски носи капа како бег

„Скопје ја носи престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Орце Ѓорѓиевски, пак, решил таа чест да ја одбележи со билборд на кој речиси ништо не е скопско, историски веродостојно, архитектонски препознатливо и возможно. Со типичната арогантна самоувереност, градоначалникот се пофали дека градот го разубавувал со љубов, внимание и посветеност. Вниманието, очигледно, не стигнало до броењето на нозете на коњот, арките на мостот, утврдувањето која тврдина е прикажана, ниту до проверката дали црквата воопшто се наоѓа во Македонија. Посветеноста, веројатно, завршила во моментот кога некој притиснал копче за генерирање слика“ соопштија попладнево од Левица.

Велат „На местото на запуштениот билборд, за чија запуштеност и претходно сме реагирале, не беше поставено пристојно, осмислено и професионално решение, туку нова визуелна брука. Отстранувањето на претходната руина не е алиби за поставување дигитален кич. Од градската власт не се бара само да замени искинато платно, туку да покаже минимум писменост при официјалното претставување на главниот град. Содржината наликува на халуцинација на алгоритам што добил нејасна наредба да нацрта нешто балканско, старо и монументално. Букефал има пет нозе. Камениот мост е растегнат до бескрај и опремен со барем четири аркови повеќе од реалното. Скопското Кале е заменето со непозната тврдина. Александар Македонски носи капа како некаков бег. Наместо автентична црква, се појавува изобличена варијанта на белградската Св. Сава. Околу нив се распоредени и дополнителни архитектонски измислици (како и дрва кои веројатно низ цело Скопје ги нема толку, а не пак во центарот на градот)“.

„Нема трага од специфичниот урбан идентитет на Скопје. Исчезнат е модернистичкиот и бруталистичкиот слој по кој градот е предмет на меѓународен архитектонски интерес. Не се гледа наследството создадено по катастрофалниот земјотрес, ниту идејата за Скопје како град на светската солидарност. Токму во период кога Скопје треба сериозно да се подготвува за една од најзначајните европски културни титули, неговиот градоначалник го рекламира преку визуелен фалсификат. Наместо да ангажира стручни лица или барем некого што еднаш прошетал низ центарот, кабинетот прифатил производ кој би паднал и на нај површна проверка. Особено фасцинира отсуството на каква било непријатност. Орце не го објавил билбордот со извинување, ниту со најава дека пропустот ќе биде исправен. Тој излегол да се пофали. Го претставил како плод на грижа и труд. За ваква само промоција е потребна навистина импресивна дистанца од сопствениот град“ велат од Левица.

Прашуваат „Кој го изработил ова недело, кој го одобрил, колку е платено и од која буџетска ставка? Свесни сме за ограниченото познавање на Скопје од страна на градоначалникот, но дали некој во градската администрација ја видел финалната верзија пред печатењето или целиот процес бил препуштен на автоматски генератор и на уште по автоматско потпишување фактури?“.

Од Левица велат „На градоначалникот можеби му изгледа убаво. Но човек кој во оваа карикатура го препознава Скопје, очигледно многу подолго го гледал градот преку партиски соопштенија отколку со сопствени очи“

Back to top button
Close