Левица со реакција по нападот врз редакцијата на „Инфомакс“: „Симбол на владеење кое се плаши од слободен збор и од неконтролирано јавно мислење
По вчерашниот напад кој се случи врз редакцијата на „Инфомакс“, голем број колеги новинари, политичари и политички партии се огласија со поддршка. Партијата Левица излезе со свој став и поддршка.

„Вечерашниот насилен упад во студиото на Инфомакс и во дом на новинар, како и физичкиот напад и заканите по живот кон редакцијата на Инфомакс – претставува уште еден алармантен доказ за мисловниот и морален амбиент што го создава власта на ДПМНЕ. Амбиент во кој политичката сила не се изразува преку идеи, аргументи и визија, туку со заплашување, примитивизам и необуздано насилство.
Овој упад, напад, кршење врати и физичка пресметка со новинари е симбол на владеење кое се плаши од слободен збор и од неконтролирано јавно мислење.
Симбол на партија што ја губи контролата и самодовербата, па бара спас во кукавици скриени зад анонимни насилници. Ова е вмровската “политичка култура” што повеќе личи на мафијашка логика отколку на демократско владеење.
Насилното упаѓање во студио среде емисија во живо, е огледало на политичкиот поредок кој го градат Мицкоски и неговиот круг. Тоа е поредок во кој слабоста се прикрива со агресија, а празнината со театрални испади.
Но, колку повеќе власта сака да изгледа силна, толку повеќе покажува колку е уплашена. Нашата порака е Христијан Мицкоски да си ги собере пајташите и да престане да ги пушта насилничките продолжени раце да му го поправаат рејтингот.
Ниту еден напад, скршена врата, упад во медиум, нема да ја создаде илузијата дека Македонија се движи на добар пат и ја води лидер со капацитет, бидејќи лидерството не се мери по бројот на насилници кои те поддржуваат, туку по бројот на слободни луѓе кои ти веруваат.
Демократијата не може да опстане во атмосфера каде што политичките разлики се решаваат со тупаници, каде што новинарите стануваат мета затоа што поставуваат непријатни прашања и оголуваат скандали, и каде што власта ја толкува критиката како закана што мора да се замолчи со сила. Неслободата, режимот почнува онаму каде што насилниците се чувствуваат охрабрени, а критичарите и слободоумните – небезбедни. И токму такво општество се обидува да изгради оваа власт.“






