Левица: Владата ги штити инвеститорите, а младите остануваат без можност за сопствен дом

Screenshot

Расправата за ребалансот на Буџетот во Собранието ја отвори темата за станбената политика, откако Левица преку четири амандмани предложи обезбедување средства за изградба на јавен станбен фонд и социјални станови во Скопје, Велес, Штип и Кочани. Од партијата обвинија дека Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не понудиле никаква стратегија за справување со растот на цените на становите и кириите.

Според Левица, Владата и понатаму ја брани тезата дека пазарот сам ќе го реши проблемот со домувањето и дека со поголема изградба на станови ќе дојде до намалување на цените. Од партијата оценуваат дека реалноста го покажува спротивното.

„Во последната деценија Македонија доживеа вистински градежен бум. Скопје никогаш не било поплавено со толку многу нови згради, но паралелно со тоа цените на становите се удвоија, а кириите прераснаа во финансиски товар кој сè поголем број млади семејства не можат да го издржат“, наведуваат од Левица.

Според нив, станбениот пазар повеќе не служи за задоволување на потребата за домување, туку прераснал во простор за шпекулации и остварување профит преку недвижности.

Од партијата сметаат дека државата треба активно да интервенира преку изградба на јавен станбен фонд, изградба на достапни државни станови, регулација на кириите и воведување даночни механизми против шпекулативното акумулирање недвижности.

Во соопштението се наведува и дека по две години власт, Владата не понудила конкретни мерки за да им помогне на младите да дојдат до сопствен дом, ниту план за регулирање на растот на кириите и цените на недвижностите.

Левица ги отфрла и обвинувањата дека нивното спротивставување на детални урбанистички планови придонесува за станбената криза.

„Левица никогаш не се борела против изградба на станови за граѓаните, туку против урбанистичката мафија која со години ги претвора градовите во средство за богатење на малкумина“, наведуваат од партијата.

Од Левица оценуваат дека Владата ја избегнува дебатата за регулирање на пазарот на недвижности затоа што, како што велат, ги штити интересите на градежниот капитал.

„За нив домот е стока, а не право; средство за профит, а не предуслов за достоинствен живот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека ќе продолжат да се залагаат државата повторно да стане активен фактор во станбената политика и дека правото на дом не смее да зависи од висината на нечии приходи, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close