Левица: Западнонилската треска урива негативни рекорди, Град Скопје упорно крие навремено и ефикасно прскал – Левица поднесе жалба поради молкот на градот

Левица преку соопштение обвинува дека Град Скопје не доставува информации и документација за спроведените третмани против комарци, во период кога, според партијата, Македонија се соочува со значително зголемен број случаи на западнонилска треска.

Од партијата се повикуваат на податоци од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Институтот за јавно здравје, според кои бројот на регистрирани случаи годинава е значително поголем во споредба со претходните години. Според последните податоци што ги наведува Левица, регистрирани се 65 случаи, од кои 60 се потврдени, а 60 се кај жители на Скопје. Наведуваат и дека досега има девет смртни случаи.

Левица претходно побарала од Град Скопје документација за спроведените третмани против комарци, вклучително и податоци за датумите на третманите, локациите и површините што биле опфатени, употребените препарати, нивната концентрација и количина, како и контролата на спроведувањето.

Од партијата побарале и информации за резултатите од ентомолошкиот мониторинг пред и по третманите, критериумите врз основа на кои се оценувала успешноста на третманите, како и фактури, записници и други докази за извршените услуги.

Тврдат дека и покрај официјално доставеното барање, одговор не добиле, поради што поднеле жалба до надлежната Агенција.

Од Левица дополнително отвораат прашања околу документацијата за јавните набавки за третманите против комарци. Според нив, техничките спецификации предвидувале дел од сезонските активности да започнат пред склучувањето на договорите со извршителите. Оттаму прашуваат дали превентивната програма била започната навреме.

Партијата бара и појаснување за препаратите што биле користени при третманите, нивната намена, концентрациите, количините и дозата по хектар, како и докази за нивната ефикасност.

Левица посочува дека самото опфаќање на одредена површина со третман не значи автоматски дека третманот бил успешен и дека е потребно да се следи неговиот ефект.

Од партијата нагласуваат дека контролата на комарците не се сведува само на прскање, туку опфаќа и одржување на просторот околу водните канали и другите водни површини, каде што може да се создадат услови за нивно размножување. Затоа бараат информации и дали биле преземени мерки за чистење и одржување на потенцијалните жаришта.

Левица оценува дека во услови на зголемен број случаи на западнонилска треска, јавноста има право на целосни и проверливи информации за тоа што презел Град Скопје, кога биле спроведени третманите и какви резултати дале.

Од партијата бараат Градот да ја објави документацијата и да даде одговори за спроведените мерки, наместо, како што велат, јавноста да добива само соопштенија и фотографии од терен.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close