Лога: Претседателката ги деградира Албанците во Армијата
На указите на претседателката на државата за промена во командните структури на Вооружените сили на Република Северна Македонија попладнево реагираа од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде што велат дека овие дејствија не само што ги маргинализираат Албанците, туку и директно ги загрозуваат интегритетот и безбедноста на одбранбените структури
Претседателката денеска им нанесе тежок удар на Албанците во Армијата на Северна Македонија, деградирајќи ги, напиша на својот фејсбук-профил Кренар Лога, дел од струјата на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, и поранешен министер за правда, реагирајќи на одлуката на Гордана Сиљановска-Давкова за промени во командните структури на Армијата.
„По деалбанизацијата на Агенцијата за разузнавање, каде веќе ниту директорот, ниту заменикот не се Албанци, по деалбанизацијата на Агенцијата за национална безбедност, каде веќе ниту директорот, ниту заменикот не се Албанци и по деалбанизацијата на Воената служба за разузнавање и безбедност, каде веќе ниту директорот, ниту некој од тројцата помошници не е Албанец и откако беше заобиколена постапката за именување на албански генерал на чело на АРМ, денес претседателката, која неВРЕДИ им нанесе тежок удар на Албанците во Армијата на С Македонија, деградирајќи ги“,напиша Лога на Фејсбук.
Според него, одлуката на претседателката претставува масакр и целосно понижување на Албанците во Армијата.
Според него, генералот Бесник Емини, од позицијата командант на Командата за операции (од оваа позиција директно командуваше со околу 80 отсто од армијата), се разрешува, деградира и понижува, поставувајќи го на административна позиција во Министерството за одбрана.
„Четири позиции се реално најважни во армијата, како началник на Генералштабот, командант на Командата за операции, командант на Првата бригада и директор на Генералштабот. За да го прикријат овој масакр, го поставија генерал Лулзим Нуредини на позицијата командант на Командата за обука и доктрина (позиција која нема значајна улога)“,пишува Лога.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, изврши промени во командните структури на Армијата на Република Северна Македонија. Како што соопштија денеска од нејзиниот кабинет, претседателката со укази извршила поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали. Поставувањето, како што е наведено, е извршено согласно одредбите од Законот за одбрана.
Според соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, со указите досегашниот началник на штабот во Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за командант на Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, кој досега беше командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
„Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата. Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции“,се наведува во соопштението.
Исто така, од Кабинетот на претседателката информираат дека полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини, со указ на претседателката, пак, е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
На указите на претседателката на државата за промена во командните структури на Вооружените сили на Република Северна Македонија попладнево реагираа од опозицисската Демократска унија за интеграција (ДУИ), од каде што велат дека овие дејствија не само што ги маргинализираат Албанците, туку и директно го загрозуваат интегритетот и безбедноста на одбранбените структури.