Локалното новинарство под ризик: политички притисоци, економска несигурност и родова нееднаквост ја поткопуваат медиумската слобода
Иако новинарството во Северна Македонија формално не се соочува со систематски непријателска средина, политичките притисоци, економската нестабилност, родовите динамики, ширењето на дезинформации и намалената доверба во професијата сериозно ја ограничуваат медиумската слобода и независност – особено на локално ниво.

Ова го потврдува новата анализа на „Реактор – истражување во акција” со наслов „Локалното новинарство под ризик: медиумска слобода, родово условени динамики и демократска отпорност”, која нуди редок и детален увид во состојбата и условите на локалното новинарство во земјата.
Повикувајќи се на постоечки анализи, надополнети со длабински интервјуа со локални новинар(к)и и експерт(к)и, извештајот покажува како социополитичките, економските и родовите фактори се испреплетуваат и влијаат врз работата на локалното новинарство. Истражувањето ги мапира конкретните механизми преку кои се врши притисок и се онеспособува или отежнува независното работење, но и како и во која мера новинар(к)ите се справуваат со нив.
Наодите покажуваат дека локалното новинарство функционира во услови на ограничени ресурси, блискост до центрите на моќ и зголемена изложеност на притисоци, што директно ја поткопува неговата улога како чувар на јавниот интерес. Бројот на локални редакции се намалува, работните услови се неизвесни, а новинар(к)ите често се принудени да работат за повеќе медиуми истовремено. Притоа, драстичниот пад на интересот за новинарската професија укажува на долгорочна криза во одржливоста на секторот.
Родовата димензија дополнително ги продлабочува овие предизвици. Новинарките, кои се мнозинство во професијата, се соочуваат не само со економска несигурност, туку и со родово засновано вознемирување, дискриминација и недоволна институционална заштита. Овие проблеми често остануваат невидливи и нормализирани како „дел од работата”, што создава култура на молчење и самоизолација.
И покрај тоа, новинар(к)ите сѐ посвесно и поактивно градат и се вклучуваат во неформални мрежи, синдикални здруженија и остваруваат колегијална солидарност, при што новинарските иницијативи – како „Еднаква” и програмата за новинарки на ПИНА – предводени од жени играат клучна улога во обезбедување поддршка и отпор, особено таму каде што институционалните механизми откажуваат. Сепак, овие практики не можат да ја заменат потребата од системски решенија и да ја задоволат потребата од децентализирана поддршка.
Денес повеќе од кога било, локалното (истражувачко) новинарство игра клучна улога во разоткривањето на корупцијата и злоупотребата на моќ. Примерите покажуваат дека токму локалните новинар(к)и успеваат да иницираат конкретни промени во заедниците – од инфраструктурни подобрувања до зголемена отчетност на институциите – и покрај ограничените ресурси и ризиците со кои се соочуваат.
За да се зајакне медиумската слобода и демократската отпорност, неопходни се итни и системски мерки. Извештајот се приклонува кон препораките на ССНМ и ЗНМ за воспоставување независен фонд за медиумски плурализам, насочена финансиска поддршка за локалните медиуми, зајакнување на работничките права и воведување родово-сензитивни механизми за заштита на новинарките. Дополнително, потребно е инвестирање во техничките капацитети, поддршка на неформалните мрежи на солидарност и поттикнување на младите да влезат во професијата.
Истражувањето заклучува дека без препознавање на специфичните услови во кои функционира локалното новинарство – и без вклучување на родовата перспектива – не е можно да се изгради одржлива, независна и вистински демократска медиумска средина.
Со ова истражување, „Реактор” потсетува дека без препознавање на специфичните услови во кои функционира локалното новинарство – и без вклучување на родовата перспектива – не е можно да се изгради одржлива, независна и вистински демократска медиумска средина.
Авторки на истражувањето се истражувачките Душица Лазова и Јана Димитрова, а истото е резултат на проектот „Прекинување на молкот: корупција, моќ и медиумска слобода низ родова призма” поддржан од Министерството за надворешни работи на Луксембург.
Анализата може да се преземе на македонски, албански и англиски јазик






