Луганск не се подготвува за референдум, вели лидерот на тамошните Руси

Во моментов нема подготовки за одржување референдум за присоединување на самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР) кон Русија, изјави денеска лидерот на ЛНР, Леонид Пасечник.

Тој посочи дека негово лично мислење е дека е можен ваков референдум, пренесе Тасс.

-Дадов таква изјава. Би сакал да биде јасно: тоа е мое лично мислење. Во моментов ништо не се презема за да се организира таков референдум, изјави Пасечник, кој е член на руската владејачка партија „Единствена Русија“ на Владимир Путин.

Тој посочи дека сега клучна цел е прекин на борбите.

Претходно денеска, Пасечник изјави дека референдум за влез на оваа украинска територија во Русија би можел да се одржи на територијата на самопрогласената Луганска Народна Република.

-Мислам дека во блиска иднина на територијата на републиката ќе се одржи референдум на кој народот ќе го искористи своето апсолутно уставно право и ќе го каже своето мислење за приклучување кон Руската Федерација, рече Пасечник на средбата со странските новинари.

Back to top button
Close