Лукровски ќе плаќа стерилизирање мачки, кучињата им ги остава на Лајка

Општина Карпош од денеска субвенционира кастрација и стерилизација на улични мачки, а во однос на кучињата, на минатата седница на Советот донесена е одлука за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, според која „Лајка“ и натаму ќе заловува бездомни кучиња, што значи дека сѐ останува како што било досега.

Додека карпошани по социјалните мрежи постојано бараат институциите, а особено Општина Карпош, да најдат решение за се поголемиот број бездомни кучиња по улиците, реагирајќи дека стравуваат за сопствената безбедност и безбедноста на нивните деца додека се движат надвор, Општината субвенционира кастрација и стерилизација на улични мачки.

Субвенционирањето започнува од денеска, 18 март и ќе трае додека не се потрошат парите во локалниот буџет предвидени за оваа намена во износ од 500 илјади денари.

Општината минатиот месец објави јавен повик на кој во рок од седум дена требаше да се пријават заинтересирани здруженија за животни, а едно од нив, како што беше наведено, кое ги исполнува условите од огласот ќе биде ангажирано за стерилизација и кастрација на мачките.

За спроведување на оваа активност избрано е Здружението за заштита на животните „Амос Скопје“, кое во соработка со ветеринарните амбуланти „Др. Јасминка Ван Дер Флиер“ и „Пет Виталити”, ќе вршат бесплатна стерилизација и кастрација на бездомните мачки.

Повеќе

Back to top button
Close