Кино Култура

краток расказ

Пишува: Мире Иванова

Живееше со татко и, во стан што тој го доби од Банката, според тогшните правила. Му следуваше, како еден од директорите, со повеќечлено семјство -од мајка, татко, нова жена и две деца од претходната – голем, простран стан во центарот на градот, со поглед на главната улица.

 

Мајката на Мире, пиле шарено, како што блиските на галено ја викаа, живееше близу градскиот парк, во мал, скромен стан што, исто така, го доби од Банката. Таа беше шалтерски службеник на Платниот промет, разведена и толку и следуваше како станбен простор. Банката, за сите што работеа таму, од директорите и службениците , до оние кои го чуваа влезот или ги чистеа нејзините пространи, мермерни холови, беше мајка и татко. Прва и долго единствена државна финансиска институција, по последната светска војска, Банката беше највозвишениот и најстабилниот симбол на новата држава. Таа им обезбедуваше солидни плати на вработените, градеше станови и ги доделуваше ‘на секому според потребите и заслугите’, организираше новогодишни прослави или излети а одењето во пензија го одбележуваше со свечено, достоинствено испраќање и подарок на идниот пензионер. Од своја страна, службениците се оддолжуваа со длабока, искрена и беспоговорна лојалност. Се гордеева дека му служат на народот. Нивниот статус беше речиси оној на господ кога обичниот граѓанин ќе се најдеше зад шалтерот или кога на државните претпријатија требаше да им се пушти плата или не, зависи! Многу подоцна во некои кутии, нагмечени во плакар на едособнниот стан, Мире, пиле шарено, најде заедничка фотографија на вработените во Банката, застанати и наседнати на широките скали на најголемата и најубавата зграда во Скопје, сместена на централно место на Плоштадот. Мајка и Раца, е во најгорниот ред, во строг деловен костум и тажно лице, за разлика од директорката на Платниот промет, која стои до неа, една убава и племенита Велешанка со бела коса. Речиси сите службеници беа звршени економисти на Трговската гимназија, што Бугарите ја отвориле за време на воената окупација на Македонија. За Раца, дете на печалбар од Свети Николе во Белград пред Втората светска војна, со тешка костенлива коса, сини накосени очи и истакнати јаболчници, тоа беше големо достигнување. Ги паметеше нејзините зборови:

“На Калениħа пијаца, никој не ми се обраќаше по име, сите ме викаа пекарева кħи”

Помислувајќи на таа генерација и даде кредит на комунистичката власт по војната: “Добро, што била доволно флексибилна и разумна да не се откаже од оние малку образовани луѓе со кои земјата располагала”.

Со мајка и обично по телефон ќе се договореа да се сретнат пред продавницата за чевли, Пеко, на главната улица која води од старата железничка станица до плоштадот, за да одат заедно на некоја вечерна кино-претстава. Раца беше пасиониран љубител на филмови. Се чини многу скопјани беа пасионирани љубители на филмови, бидејќи секогаш пред касата на кино Култура(Вардар или Младина), меѓу двете железни шипки се туркаше толпа, нагмечени луѓе. Тапкарошите здоволно ги триева рацете и полнеа џеповите со пари од оние љубители на филмот кои пристигнале во последен момент, пред отпочнување на проекцијата. Во таква безнадежна ситуација, мајка и преминуваше на најсилното оружје со кое располагаше. Ќе се приближеше до некој, што веќе се пробил до полукружниот отвор на касата и ќе речеше:” Ве молам , може ли да купите и за мене две карти. Знаете, јас работам во Банка.”

И гледај чудо, оваа ‘волшебна’ мантра, на која Мире, пиле шарено, гледаше со сомневање и дури засрамена, отворше “желези порти”! Замолениот, ќе ги земеше парите, ќе купеше карти и ќе им ги предадеше.

Една вечер се случи нешто неочекувано. Се даваше филмот “Стаза слонова” со Елизабет Тејлор и Питер Финч, во главните улоги. Толпата беше поголема од било кога претходно. Човекот на кого мајка и му ги даде парите, изговарајќи: “Јас работам во Банка”, исчезна со парите и картите. Стоева со неверувње пред плакатата на која наочитиот Питер Финч ја спасува Елизабет Тејлор од разбеснетите слонови, држејќи ја во раце.

“Веќе ништо не е свето”, рече мајка и разочарано!

“Да, не е исто” , одговори таа.

Нешто многу суштински се смени во општеството засекогаш.

Таа година советските трупи се повлекоа од Унгарија и Чехословачка; се распадна Варшавскиот пакт; земјите од Источниот блок воведоа демократски реформи; се одржаа првите слободни избори во Полска. На изборната плаката, со која “Солидарност”, ги повикува граѓаните да гласаат, стои холивудската звезда Гари Купер, со каубајски шешир и вели на полски: “Гласајте точно на пладне”! Унгарците буквално ја пресекоа со ножици, бодликавата жица на нивната граница спрема Австрија, симбол на Железната завеса, да им овозможат на Германците од Источна Германија да пребегаат на Запад. На 9 ноември падна Берлинскиот зид.

Фото: Retroskopje

 

 

Back to top button
Close