Привршува собирањето на документите за екстрадиција на Груевски

Сите документи потребни за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски се доставени до Министерството за правда.

Ова за Телма го потврдиле од Кривичниот суд каде во моментов се уште се водат но и има веќе завршени процеси против обвинетиот и осудениот азилант.

Од правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори. И министерот за правда Игор Филков пред два дена потврди дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде избега Груевски за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана да се врати Груевски во земјава.

Инаку владата во Унгарија треба да биде конституирана на 9 мај, Денот на Европа.

По падот на Виктор Орбан победникот на изборите во Унгарија Петер Маѓар навести можно укинување на азилот за Груевски па со тоа ја отвори и вратата за екстрадицијата.

Екс премиерот избега во Унгарија во ноември 2018 година. Доби политички азил.

Македонија до сега поднесе едно барање за екстрадиција во 2018, како и дополнување на барањето во 2019, но Будимпешта го одби со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, а согласно унгарските закони, човек кој добил азил во Унгарија, не може да биде екстрадиран во државата од која избегал.

Во скопскиот Кривичен суд досега има три пресуди за бегалецот, екс премиер Никола Груевски. За предметот „Тенк“ односно набавката на блиндираниот Мерцедес извршувањето е застарено.

Активна казна од година и половина затвор има за предметот „Шамари во Центар“, а таа застарува во септември догодина. Највисоката од девет години затвор за перење пари во случајот „Плацеви на Водно“, и застарува дури во 2043.

Двете се донесени во отсуство па тој доколку биде екстрадиран би можел да бара повторување на судењата. Повторување може да бара тој самиот ако не знаел за пресудите или пак државата од која се бара екстрадиција како услов дека ќе добие правда ако биде екстрадиран.

За извори од судот беше спорно тоа што во Плацеви на Водно тој лично дал овластување на адвокатот да се жали пред врховниот суд со што тоа би било потврда дека бил известен за пресудата.

Сепак по увидот во предметот од страна на Телма, токму ова полномошно не можело да се најде во списите.

Првично во меѓународната потерница пишуваше дека е баран за 30 дневен притвор за истрагата за упадот во Собранието од 27 април 2017 како организатор, но сега ова е променето па Груевски се бара како осуденик со затворски казни.

Back to top button
Close