Маестро Кемал Гекиќ вечер на „Охридско лето“

Сцената на катедралната црква „Света Софија“ за вечер е резервирана за солистичкиот концерт на познатиот пијанист, маестро Кемал Гекиќ.

Роден во Сплит, Кемал Гекиќ започнува да учи пијано со проф. Лоренца Батурина, а дипломирал на Музичката академија во Нови Сад во класата на проф. Јокут Михаиловиќ, каде веднаш по дипломирањето ја започнува својата педагошка кариера и до 1999 е шеф на катедрата за пијано. Во 1999 година е резиденцијален уметник и редовен професор на Универзитетот во Мајами, Флорида, а истовремено одржува и мајсторски курсеви на повеќе академии низ светот. Често е дел од жири комисии на меѓународни натпревари за пијано, а од 2010 година е основач на Летната школа и фестивал кои го носат неговото име во родниот Сплит.

Пијанистот Кемал Гекиќ настапува низ целиот свет изведувајќи широк репертоар на кој секогаш му дава фасцинантен личен печат. Настапува како солист на рецитали или со оркестри меѓу кои со Кралската филхармонија во Лондон, Варшавската филхармонија, Јапонскиот филхармониски оркестар, во сали како „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Сантори Хол“ во Токио и „Кенеди“ центарот во Вашингтон.

Гекиќ има снимено 15 солистички албуми, а за неговиот албум со транскрипции на Росини и Лист ја добива наградата „Розета“ која ја доделува „Пингвин“ водичот за музика, додека пак неговата интерпретација на „Трансцеденталните етиди“ исто така од Лист снимени за Џеј-Ви-Си се смета за една од најрелевантните снимки на овој циклус на сите времиња. Номиниран е за наградата „Греми“ за снимката на Концертот „Герника“ од Фредрик Кауфман, дело нарачано и специјално напишано за него.

На програмата на вечерашниот концерт се избрани дела за пијано на Бетовен, Шопен, Ален, Лист. Почетокот на концертот е во редовниот фестивалски термин од 21 часот.

Back to top button
Close