Магла на Буково и Ѓавато, се препорачува внимателно возење
Возачите да бидат внимателни поради магла и намалена видливост од 80 до 100 метри на планинскиот превој Ѓавато и до 50 метри на планинскиот превој Буково, предупредуваат АМСМ. Велат и дека сообраќајот во близина на Башино Село, кај мостот, од трети јануари е во целосен прекин.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.